Потребно време за читање: 2 минути

33. Бе

На средината на сцената голема канцеларија со работно биро, голема и длабока црна фотелја, црн кожен тросед и долга канцелариска маса со столици околу, исто така црни кожени. Дневна светлина.Трпе Трпески сам во неа. Ја потпрел ќелавата глава со десната рака, очигледно длабоко замислен. Кога ја крева одвреме-навреме како да се буди мигум, лесно му се видливи брчките на челото. Уште полесно може да се заклучи дека поради нешто е многу загрижен.

Наеднаш тишината ја пресекува ѕвонење на неговиот мобилен телефон. Трпе не брза да го земе в рака, да се јави, како да знае кој му се јавува. Не се ни помрднува од длабоката црна фотелја, туку на мобилниот го вклучува спикерфонот.

Глас од мобилниот:

-А бе кај си ти?

Трпе Трпески:

-Како кај сум бе? Па тука сум. А и кај да бидам бе, за тебе морам да сум секогаш достапен.

Прочитај и за ... >>  ШИЛО И ОСИЛО, Книга VIII: Скечуално, хумористично-сатирични скечеви

Гласот зачудено и срдито:

-А бе што правиш ти?

Трпе Трпески:

-Што правам бе? Ништо!

Гласот:

-А бе како ништо не правиш бе? Малку ти е што ти плаќам за страховладеење, па уште си аздисал во крадење народни пари.

Трпе Трпески:

-А бе тоа ич не е точно. Медиумите измислуваат, а и опозицијата…Кога ти велев да не им даваме толку слобода…

Гласот го прекинува и се засилува:

-Ти си велел! А бе кој си ти да велиш? А бе кој си ти да мислиш? Ти си само платеник и точка. Има да играш како ќе ти речам и точка. А бе кај си се осилил толку?

Трпе Трпески:

-А бе ако веќе не ми веруваш, ако мислиш дека можеш без мене, можеш поарно и побрзо со некој друг…А бе кога ти велам, јас немам врска со аздисаното крадење народни пари. Јас по малку, ама…

Гласот пак го прекинува:

-Ама твоите околу тебе и со тебе по многу, а? Како бе не ти е срам? Како не ви е?

Прочитај и за ... >>  ШИЛО И ОСИЛО, Книга VIII: Скечуално, хумористично-сатирични скечеви

Краток молк, па пак гласот од спикерфонот:

-Ти се јавувам да те информирам бе. Не да се расправам со тебе. Ја кренав браната на матната. Сега ти и твоите околу тебе и со тебе снаоѓајте се, бегајте, кријте се кој кај мисли дека може да се сокрие дури не надошла до вас…А бе што ме мислеше ти мене? Јас те плаќам, а ти уште аздисано крадеш! Која овца! Кои овци!…А бе знаеш ли дека си ми дошол преку глава?…Ама готово е. Нека те однесе тебе и твоите матната!

Трпе Трпески плачливо и сè погласно, дури не се спушти сосем завесата:

-Бе-е, бе-е-е.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here