Потребно време за читање: 4 минути

24. Контекст

Недоветен политикант на власт и негов партиски измеќар и подлизурко се шетаат рака под рака на зелено пазариште. Сите што минуваат крај нив и им го потслушнуваат муабетот во чудење си го продолжуваат пазарењето, шетањето низ тезгите со разен зарзават и овошје од кои доминираат црвени пиперки за ајвар и лубеници.

Недоветниот политикант на власт:

-Знаеш, партиски измеќару мој и подлизурко, колку многу тешко ми паѓа на душа и на срце кога ќе ми извадат нешто од контекстот на она што сум го кажал наместо и правилно?

Партискиот измеќар и подлизурко:

-Колку многу, мој недоветен политиканту на власт?

Недоветниот политикант на власт:

-Ма немам зборови со кои би можел точно и прецизно да ти кажам колку. Ми паѓа многу тешко и многу ми е мака. Јас им викам немојте бре луѓе да ми вадите сè и сешто од контекстот, преку таквото ми е вашето вадење, а тие гајле си немаат. Не ми е за друго криво, само за народов ми е оти веќе ме прифаќа само како таков-надвор од контекст.

Партискиот измеќар и подлизурко:

-Стварно е за криво. И мене ми е многу криво. Пена ми фати устава бранејќи те, убедувајќи секого дека сè и сешто ти вадат од контекстот само и само за да не те разбира правилно, буквалистички, ама џабе. Туку…Не си помислил ли да пробаш да збориш и да одговараш прашан-непрашан надвор од контекстот? Па тогаш да видиме што ќе прават! Ќе останат со голи раце, мислам без контекст и тогаш…

Прочитај и за ... >>  ШИЛО И ОСИЛО, Книга VIII: Скечуално, хумористично-сатирични скечеви

Недоветниот политикант на власт:

-Не ти е лоша идејата. Само…Како мислиш да зборам и да одговарам така?! Како надвор од контекст?

Партискиот измеќар и подлизурко:

-Па така! Многу едноставно! Надвор од контекст му доаѓа исто како без контекст. Значи, ќе збориш и ќе одговараш директно, од небо во ребра што се вели, а ако треба и ќе нагласиш дека треба да те слуша и разбира надвор од каков било контекст.

Недоветниот политикант на власт:

-Уште не разбирам и не те разбирам, мој партиски измеќару и подлизурко. Исто како кога зборам на странски јазик, а ни а ни б не знам и не разбирам од тоа што го зборам.

Партискиот измеќар и подлизурко:

-Ете, сам си одговори! Баш така да збориш! Сè неразбирливо, ни сам не знаеш што збориш, од збор до збор нелогично, неповрзано, немислено…

Недоветниот политикант на власт:

-Може да се конкретизираш?

Партискиот измеќар и подлизурко:

-На пример, сега да се качиш на една од празниве тезги и на пазарџииве, тезгаџииве и купувачиве да им се обратиш вака:

Народе со кого јас страховладеам, еве сами на лице место и на место на опачина се уверувате дека мораме да го менуваме пазарењето како такво зашто е никакво. Сакам да речам дека мораме да го реформираме исто како што го реформира образованието мојана недоветна министерка. Еве, јас и мојов партиски измеќар и подлизурко намерно излеговме да се прошетаме на пазариштево, да се замешаме меѓу вас, тезгаџииве и тезгиве, да ги согледаме правилно нештата и да ви докажеме дека мора тоа. Од лично искуство ви велам дека ништо, апсолутно ништо не се сменило од времето кога јас на пазариштево продавав црвени пиперки за ајвар и лубеници…

Прочитај и за ... >>  ШИЛО И ОСИЛО, Книга VIII: Скечуално, хумористично-сатирични скечеви

Недоветниот политикант на власт:

-Чекај бе! Не може тоа така! Баш од такво зборење ќе ми извадат од контекстот. Луѓево ги интересира само да има што им треба и зошто е секој ден од скапо поскапо, веќе прескапо.

Партискиот измеќар и подлизурко:

-Тука те чекав, мој недоветен политиканту на власт! Сега идеш ти на ред, се земаш себеси за пример и се конкретизираш. На пример вака:

-Да, наш народе на нашава земја и нашава татковина! Кој не знаел сега дозна дека јас пред да станам власт и да почнам да страховладеам бев тезгаџија, ама тогаш заработував за два-три дена колку за еден кат на мојата семејна куќа во моето родно земјоделско село. А сега? Сега ем вам ви е сè од скапо прескапо, ем тезгаџииве на пазариштево за цел месец заработуваат одвај некоја скршена пара. Знаеш зошто? Затоа што од ниедна нужна реформа, па и од пазаришнава не треба ништо да се вади од контекст!

Недоветниот политикант на власт:

-Сакаш да кажеш дека на крајот треба да потенцирам да не ми вадат од контекстот? Ај некој ден да размислам и да се консултирам со моите советници, па пак ќе ги разгледаме заедно и текстот и контекстот како страховладеачка проблематика.

Прочитај и за ... >>  ШИЛО И ОСИЛО, Книга VIII: Скечуално, хумористично-сатирични скечеви

Партискиот измеќар и подлизурко:

-Нема проблем. Не е проблемов за брзо решавање. Само едно ќе ти нагласам јас како ваков партиски и твој: контекстот секогаш излегува или произлегува од текстот. Со други зборови, ако збориш надвор од каков било контекст, никој не ќе може да ти вади што било од зборењето и мислењето односно од текстот. А и ако не збориш, а направиш некаков гест со рака, како на пример кревање до лактот и со стегната тупаница. Такво нешто е многу лошо, дури вулгарно, дури некултурно, дури непрокопсано и во контекст и надвор од контекст…Ќе си дозволам и да ти дадам еден совет, но ти не ми фаќај за кусур: нема шанси да ти вадат од контекст ако се држиш за текст напишан од твој советник. Тогаш твое ќе биде само да читаш како што пишува, односно да не грешиш при читање.

Недоветниот политикант на власт:

-Каков кусур да ти фаќам, мој партиски измеќару и подлизурко?! Па ова што сега ми го рече како совет ти е најпаметното нешто што сум го чул од тебе досега!…Ах тој контекст!

По длабоката воздишка на недоветниот политикант на власт обајцата задоволни, може да се рече и поднасмеани излегуваат од пазариштето и си фаќаат нивен пат.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here