Потребно време за читање: 2 минути

36. Ни за смеење ни за плачење

Двајца старци со бастуни в раце шетаат на кеј покрај матна и отруена вода и разговараат бавно. Како и едниот и другиот да откинуваат зборови од устите.

Првиот:

-Веќе ни за смеење ни за плачење не е ова што се прави кај нас и со нас.

Вториот:

-Така е. Стварно не е.

Првиот:

-Некогаш ми иде само да се смеам, а некогаш само да плачам.

Вториот:

-Мене, пак, повеќе ми иде да плачам одошто да се смеам. И да ти кажам право, сè почесто плачам. Се смеам, ама сè поретко.

Првиот му се чуди на вториот:

-Зошто така? Нели се согласивме дека не е ни за смеење ни за плачење?

Вториот му одговара:

-Да, се согласувме дека не е, ама не и дека исто ни иде.

Првиот:

-Добро. Ај нека ти биде. Ќе кажеш зошто повеќе ти иде да плачеш?

Прочитај и за ... >>  ШИЛО И ОСИЛО, Книга VIII: Скечуално, хумористично-сатирични скечеви

Вториот:

-Зашто ми е жал за помладите од нас и младите само што ќе помислам. Најмногу врз нив се истура правењево. Ние стари, со двете нозе во гроб што се вели, сме научиле и можеме секако. Ама тие…

Првиот:

-Што? Се расплака?

Вториот:

-Па ти реков дека ми е жал за нив само што ќе помислам.

Првиот:

-Не рече, ама исто ко да рече.

Вториот:

-А исто ли мислиме кога се согласуваме дека веќе ни за смеење ни за плачење не е ова што се прави кај нас и со нас?

Првиот како длабоко замислен:

-Јас мислам исто. Мислиме на сè што се прави кај нас и со нас. Ништо не чини. Со овие на власт…

Вториот:

-Така е. Стварно ништо. Кога ќе се замислам, длабоко се прашувам до кога со овие на власт. Зошто помладите од нас и младите не се кренат на нозе? Зарем се ко нас, со двете нозе во гроб пшто се вели, та не можат ништо и не им е ни до смеење ни до плачење?

Прочитај и за ... >>  ШИЛО И ОСИЛО, Книга VIII: Скечуално, хумористично-сатирични скечеви

Првиот:

-Јас мислам дека и ним некогаш им иде само да се смеат, а некогаш само да плачат. Научиле и можат секако.

Вториот:

-Мене никако не ми оди во умот зошто не се креваат на нозе и на клоци не ги исфрлат овие од властодржачките фотелји. Од тоа најмногу ми се плаче.

Првиот:

-Јас мислам дека нема кој да ги крене. Ни меѓу нив ни пред нив.

Вториот:

-И јас мислам исто. Особено кога ќе им ги загледам лицата. Не им се ни плачливи ни насмеани. Ко да се за никаде или се со умот да фатат џенем.

Двајцата старци со бастуни в раце доаѓаат до место кај што се вкрстуваат два пата. Едниот трга по едниот, а другиот по другиот.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here