Потребно време за читање: 3 минути

18. Властољубец и страховладетел

Ноќ. Плоштад осветлен со силни рефлектори. Насобрана толпа на рамнодушни, сериозни, загрижени, весели и тажни мажи и жени. Најмногу средовечни и стари. Некои во рацете држат партиски знамиња на стап, а меѓу нив овде-онде државно. Овде-онде и транспаренти, најчесто „Долу ненародна власт! Горе народна!“. Трештат патриотски и турбо-фолк песни, понекој поп, ретко рок.

Пред толпата на говорница излегува Зајко Муртинов, докажан властољубец и страховладетел. Сите замолчуваат, музиката престанува, сè живо на плоштадот се концентрира на него. Тој со поглед ги опфаќа сите, одлево надесно и обратно, се смее, па се смешка, па става мртва ладна маска на лице. Се накашлува, тоа прилично одекнува зашто озвучувачот предвреме ги беше вклучил микрофоните, ја крева десната рака со тупаница како поздрав и знак на замолчување на толпата. Става очила и почнува да чита што му е напишано:

„Драги мои граѓани на ова опшество и на нашава татковина,

Најпрвин најискрено, од душа и срце да ви заблагодарам што се собравте и ве собравме во олку голем број. Олку голема предизборна толпа ретко се собира зашто во ова наше демократско опшество и во нашава земја тоа е многу тешко. Тоа е јасен доказ дека максимално ме поддржувате во моето властољубие и страховладение, а тоа ме поттикнува да продолжам по зацртаниот пат уште посигурно и со уште поголем елан. Пред некој ден по неколку собирања на ептен малку митингаши во неколку градови и села на нашево опшество и во оваа земја бев решен да си дадам оставка, па што сака нека биде. Но сега, гледајќи ве во олку голем број, се предомислив. Да бидам искрен, среќен сум како мало дете.

Прочитај и за ... >>  ШИЛО И ОСИЛО, Книга VIII: Скечуално, хумористично-сатирични скечеви

Во ова опшество за сите и во оваа наша татковина јас како Зајко Муртинов, драги мои граѓани, буквално се вградив себеси и сè што направивме уривајќи и растурајќи сè што направи претходниот режим е благодарение на мојата пожртвуваност, деноноќен ангажман и силна поддршка на моите измеќари и потрчковци, а пред сите моите министри, заменици министри, заменици на заменици министри, советници и други. Но над сè и над сите благодарение на вашата поддршка, за што уште еднаш најискрено, најдлабоко, со срце и душа ви благодарам.

Се наоѓате и се наоѓаме пред избор: или ќе гласате за мене и за сите што ги набројав како мои соработници или ќе гласате за злото кое навалило да ми ја земе власта од раце, да ме обезвласти. Па потоа да ме затвори и мене и нив и да ви го врати кичерајското живуркање што го живеевте пред јас со тешка и крвава борба да ја земам власта во свои раце и да преземам храбри чекори кон едно опшество за сите и нашава и оваа земја што се вика наша татковина. Од вашиот избор зависи вашата, а богами и мојата иднина како властољубец и страховладетел! Мора да одлучите и нема мрдање од тоа!

Прочитај и за ... >>  ШИЛО И ОСИЛО, Книга VIII: Скечуално, хумористично-сатирични скечеви

Да ви ги редам успесите што ги постигнавме досега?“

Се слуша машки глас: „Немој, жити мајка!“.

Зајко Муртинов реплицира:

„Добро, не редам, нема потреба. Ова е демократско опшество и слободна наша земја, па сè знаете. Направеното од мене и од моите до најмал детал. Само сакам да го нагласам следново: срамота е, жива срамота е што опозицијата нашето помагање на вас во овие предизборни денови со по вреќа компири, вреќа брашно, неколку шишиња зејтин, неколку тегли ајвар и некое евро за да ви се најдат, да си платите некоја сметка за струја, за вода и слично, го нарекува поткуп на гласачи. Ние со поткуп никогаш не сме се занимавале, а како властољупци и страховладејачи немаме ни потреба од тоа. Значи подвлекувам: срамота е, жива срамота е!

Немам намера многу да зборам. Сакам само да му порачам на првиот и најголем опозиционер, кој ги предводи сите со него и околу него и кој сегде се фали, а лаже, суши кога лаже дека не е властољубец и страховладетел како јас:

Прочитај и за ... >>  ШИЛО И ОСИЛО, Книга VIII: Скечуално, хумористично-сатирични скечеви

Сакаш да ми ја земеш власта ти, најголемо зло на нашево опшество и нашава татковина? Е, малку морген! Еве ти го на!“

Во тој момент ја крева десната рака со тупаница до лактот, како дигнат пенис, придржувајќи ја со левата за да не му падне предвреме. Толпата како вџасена молчи едно ниедно време, па се разотидува молчешкум, лека-полека и брзо. Озвучувачот ги исклучува микрофоните, а осветлувачот ги гасне рефлекторите.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here