Потребно време за читање: 2 минути

20. Во тотална политизација
тапоумен во библиотека

Се случи инцидент на тапоумен во библиотечна читална, меѓу читатели задлабочени во читање, во мир и тишина. Немаше ни мува да летне за да се слушне. Што бараше тапоумен во библиотека?! Никој од присутните не знаеше. Никој не го забележа сè додека самиот не го сврте вниманието на себе.

На тапоумниот му се случи навалица од кашлање, кивање и шмркање со носот! Тоа беше најпрвин стишано и прилично контролирано, со долги тишини помеѓу едното, другото и третото, но по едно време стана сè позачестено и речиси незапирливо.

Еден од читачите стана, му пријде и тивко, речиси шепотливо му препорача:

-Господине, овде владее мир и тишина кои не смеат да се нарушат зашто ако не владеат нема да може да се чита.

Тапоумниот го погледна прво рамнодушно, а потоа остро, подналутено, па му одговори исто така тивко, речиси шепотливо:

Прочитај и за ... >>  ШИЛО И ОСИЛО, Книга VIII: Скечуално, хумористично-сатирични скечеви

-Господине, прво јас не сакам да кашлам, кивам и шмркам со носот, ама ете ме фати сосем неочекувано. Второ, се обидувам да ги контролирам со шамиче на устата и носот. А трето, јас не сум читател на книги, туку сум член на партијата на власт и сум овде со задача.

Читачот се изненади, ги ококори очите од изненадување и праша:

-Каква врска имаат библиотекава, читалнава и читачите во неа со вашата партија на власт?

Тапоумниот:

-Нема врска, ама треба да е владеачка. Имено, јас морам да го забележам составот на читачите, кој на која партија ѝ припаѓа, потоа што се чита најмногу и зошто, за најпосле да препорачам каква треба да биде нашата политика како владеачка.

Читачот повеќе за себе, ама и да чуе тапоумниот:

-Бог да чува и да брани.

Тргна кон своето читачко место со гест на немоќ да се справи со кашлањето, кивањето и шмркањето со нос на тапоумниот.

Прочитај и за ... >>  ШИЛО И ОСИЛО, Книга VIII: Скечуално, хумористично-сатирични скечеви

Тапоумниот и натаму не можеше да се справи со навалицата, па виде-не виде излезе од библиотеката. Постоја пред влезот формирајќи го следниот заклучок што ќе му го изнесе на неговиот партиски лидер и властодржец:

„Во библиотеката владеат мир и тишина, а читачите читаат разновидна уметничка литература. Најмногу поезија и проза. Не забележав ниеден што ги чита Вашите говори и мемоари. Заклучувам дека во наредниот период ќе мора да се поработи на тој план, а и да се засили присуството во библиотеката најпрвин со наши партиски кадри на клучните работни места, а потоа во неа да се зачленат како читачи пшто е можно повеќе наши перспективни членови“.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here