Потребно време за читање: 2 минути

30. Добре и Добринка живи ладни

Добре и Добринка во мрачнина. Ни прсти пред очи не си гледаат, ни меѓусебе да се видат. Сепак, доволно се близу штом си ги слушаат меѓусебните шепотења.

Добре:

-Добринке моја златна, ич не ми се допаѓа мрачнинава. И порано сме биле во слични или приближно слични, ама во ваква не паметам дека сме се нашле некогаш.

Добринка:

-Да ти кажам искрено, Добре мој златен, и мене ич не ми се допаѓа. Ни прсти пред очи не можеме да си видиме! Од кај ли дојде? Кога ли нè налегна? Зошто?

Добре:

-Јас мислам дека ниедна власт не може да стокми ваква мрачнина…Чудо едно!

Добринка:

-Ај па ти пак за власта! Сè нејзе ѝ припишуваш. За сè ти е таа крива! Каква врска има власта со мрачнина, особено со ваква? Нема врска!

Добре:

-Од неа иде сè и сè од неа е за виделина или мрачнина на народот. Ќе видиш, совреме ќе се покаже дека од неа е мрачнинава.

Прочитај и за ... >>  ШИЛО И ОСИЛО, Книга VIII: Скечуално, хумористично-сатирични скечеви

Добринка:

-Ти да не си фатил уплав од неа?

Добре:

-Од мрачнинава ли? Како да не! Жив ладен сум.

Добринка:

-Не се вели жив ладен, туку мртов ладен, Добре мој златен.

Добре:

-Знам дека се вели така, ама јас сум баш жив ладен. А не би било лошо и ти да си.

Добринка:

-Не те разбирам!…Мртов ладен значи дибидус рамнодушен, апатичен, малодушен…

Добре:

-Е баш затоа велам дека сум жив ладен! Зашто не сум ни малку рамнодушен, апатичен, малодушен. Ама сум ладен…И ти си таква, Добринке моја златна, ама не си свесна дека си.

Добринка:

-Ај лебати кажи што сакаш да кажеш, па да ѝ се опреме на мрачнинава дури не нè проголтала.

Добре:

-Велам дека сум жив ладен оти не им се плашам ни на мрачнинава ни на власта која ја донесе, ја надви над нас и со која сака да нè збрише. Напротив, со ладна глава ги мерам обете и се подготвувам да ги победам во последна битка од оваа војна за гол опстанок. Додека сум уште жив. Исто и ти, нели моја Добринке?

Прочитај и за ... >>  ШИЛО И ОСИЛО, Книга VIII: Скечуално, хумористично-сатирични скечеви

Добринка:

-Се разбира исто, мој Добре, ама јас не мислам дека мрачнинава е само на оваа власт. Мислам дека во голема мера е од нељубов на оние што се плашат од нас бидејќи сме со исконски корени. Туку…Не мислиш дека е добро да се загрееме пред да тргнеме заедно и со заеднички сили и памет?

Добре:

-Мислам, ама не знам на што мислиш конкретно.

Добринка:

-Па на љубов, Добре мој златен! На нашата љубов! Како не ти текнува?! Во последно време секоја расправа во врска со што било од нашава сурова стварност и со што било сторено и што прави мафијашкава власт заклучуваме само едно: љубовта победува сè. Нели се согласуваш дека само со силна и страсна љубов ќе победиме во последната битка?

Добре:

-Ох, мила моја, единствена љубов моја, колку си ти умна…И овој твој, како сите наши досегашни заклучоци за сè и сешто, е ептен наместо. Браво!…Колку поетично заклучи…Само со силна и страсна љубов…Мори ти, мрачнино ниедна и ти власт ниедна, ќе видите што ќе ве снајде од нас…Живи ладни со љубов загреани…

Прочитај и за ... >>  ШИЛО И ОСИЛО, Книга VIII: Скечуално, хумористично-сатирични скечеви

Во мрачнината се слушаат бакнежи и нежни воздишки.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here