makedonski narodni pesni, македонски народни песни
Лице в лице - сега е достапно онлајн Kupi Lice v lice - sega e dostapno onlajn
Купи Лице в лице - сега е достапно онлајн
Потребно време за читање: 2 минути

Виши ми, виши црни очи

Каљо, Каљо, Каљино невесто,
виши ми, виши црни јочи,
извиши ги на високо,
расшири ги на широко,
по конаци, по пармаци,
дека Турци каве пијат,
а кајуре благо вино.
Там имало едно лудо,
нито пие, нито еде,
често често погледнуве,
и на Каља намигнуве:
или Каља или душа;
или ортома на гуша,
или синџир на грлото,
букаѓии на ноѕето,
белезии на р`цето!

Сокол пие вода на Вардаро

Еј соколе, еј пиле шарено!
Сокол пие вода на Вардаро,
златни му крилја до рамења,
сребрени му нозе до колена,
бел бисер му на грло трепери,
трендафил му на глава цафтеше.
Никој ми се, богме, не досишча,
да попита това сокол пиле,
кој му злати крилја до рамена,
кој му сребри нозе до колена,
кој му нижа бел бисер на глава.
Досети се Доќа вардаринка,
та попита това сокол пиле:
-Еј соколе, еј пиле шарено,
нешчо искам, сокол, да те питам,
ама право, сокол, да ми кажеш:
кој ти злати крилја до рамена,
кој ти сребри нозе до колена,
кој ти сади трендафил на глава?
-Јазе имам до три милни сестри:
једната је на крало кралица,
она злати крилја до рамена;
шчо то си је на царо царица,
она сребри нозе до колена;
шчо то си је на везир везирка,
она нижа бел бисер на грло,
она сади трендафил на глава.

Самовилско ѕидање

Град градила самовила
ни на небо, ни на земи,
туку така, под облака.
Што диреци ми редеше,
се јунаци одбирани;
што пармаци ми редеше,
се девојки одбирани;
што пенџери ми редеше,
се дечиња одбирани.
Едно не је дофтасало,
тоа што је спроти с`нце.
Марко имат м`шко дете,
м`шко дете прегалено;
и го зеде м`шко дете,
да го клаит на прозорци.
Марко је си милно молит:
-Самовило, мила сестро!
Тебе ти се милно молам,
да ми гледаш м`шко дете;
тоа ми је прегалено,
брго вода да му даваш.

(Зап. Константин Миладинов)

Претходен написЗа Божик и Христос
Следен написЗа есенската боја на лисјата