Turan Dursun
Creator: 2017 Paratic.com
Потребно време за читање: 2 минути

Романот не е дел од стварноста, неа не ја обработува, туку ја создава, ја обликува и ја продолжува во свеста на читателот. Неговата слоевитост го продолжува доживувањето, ги продолжува настанот и времето во една друга, според многу нешта виртуелна стварност.

Оваа основна карактеристика на новиот- модерниот роман значи едновремено и негово продолжение, постојана отвореност на неговите страници. Читателот е поставен пред нова задача: да го открие, да го протолкува и прифати светот во него како дел од сопствениот, од сопствената авантура на животот, како и од сопствениот систем на вредности.

Романот „Крвта на морето“ од современиот турски писател Тарик Дурсун К., што во 1991. го објави скопскиот издавач „Мисла“ во превод од турски на Хусеин Авдовиќ, го обврзува својот читател не само да го прочита, не само да се запознае со неговата содржина, туку и да ја поттикне сопствената промисла за смислата на живеењето, за продолженото време, за местото и улогата на човекот во еден воспоставен, утврден систем на вредности, но и на негово менување. Промислата ја насочува во барањето на смислата на отпорот, на судбинското поврзување помеѓу луѓето, на животот како гола егзистенција. Тоа е роман за едно мало гратче на брегот на Егејското море, под планината Велидаг, на Црниот остров, и за минливоста на времето помеѓу животот и љубовта.

Прочитај и за ... >>  Здрав дом за добро здравје

Во гратчето владее Аџијата, Дениз-ага, вистински експлоататор на морнарите собирачи на сунѓери од морето. Од една страна оживува и се развива митската приказна за создавањето на светот, од друга иде будењето на свеста и отпорот, а од трета навалува настојбата да се сочуваат и продолжат љубовта и надежта во човекот. Крвта на морето е данокот што го плаќаат морнарите Шабан, Етем, Узун, Хасан, Мустафа и другите, но и жените во малата касаба кои го поднесуваат, го издржуваат товарот на животот- бедата, сиромаштијата, осаменоста и празнотијата. Трагиката на тој живот кулминира во судбината на младиот Мустафа и неговата Ираз: тој по едно „тонење“ во морето, во потрага по сунѓери, ќе остане парализиран, неговата млада Изар потклекнува пред страста на Аџијата, а во последниот издив Мустафа успева животниот пораз да го претвори во победа- успева да го застрела Аџијата.

Всушност, во романот се опишуваат настани од 1946. година, почетокот на будењето на свеста и отпорот на дотогаш непросветеното население. Поразот е голем, тежок, со трагични последици, но и со продолжена надеж.

Прочитај и за ... >>  Најголем медиумски музеј на светот

Основни податоци за писателот:

Тарик Дурсун К. е еден од најпознатите писатели на модерната турска книжевност, роден во 1931. година во Измир. Негови романи и раскази се преведувани на многу светски јазици. Добитник е на повеќе награди, а важи за автор кој во современиот роман внесе нова форма и „еден природен реализам“.

(Тарик Дурсун К.: „Крвта на морето“, Мисла, Скопје, 1991)