Потребно време за читање: 3 минути

1. Филозофирање за смеењето

На говорница пред насобран народ излегува средовечен човек со младешки лик и седа коса, брада и мустаци, со брчки кои одблизу се открива дека се од често длабоко мислење и филозофирање. Познат е како Филозофот, единствен во градот. Се разбира, има и други филозофи, но треба да се потенцира дека е тој единствен како филозоф.

Филозофот му се обраќа на насобраниот народ:

-Народе, време ти е да научиш дека смеењето е здравје. Според некои, тоа е половина зравје. Кога ќе размислам подлабоко, тие некои се апсолутно во право. Значи, со други зборови, смеј се, народе, ако сакаш да имаш здравје, поточно да си половина здрав. Јас би додал барем, со оглед на нездравјето, односно кога имам предвид колку си половина болен. Замисли да знаеш дека смеењето е здравје и ти се смееш на сите глупости и недоветности на властодршциве и властољупциве. Ќе бидеш здрав, а не од ден на ден сè поболен. Се разбира, јас разбирам како филозоф дека работава веќе ич не е за смеење, ептен е за плачење. Ама кај се видело и чуло народ да плаче поради свои властодршци и властољупци?

Прочитај и за ... >>  ШИЛО И ОСИЛО, Книга VIII: Скечуално, хумористично-сатирични скечеви

Народот му ракоплеска воздржано и молчешкум. Тој длаболко воздивнува, па продолжува:

-Знам јас, јас не може да не знам дека ви се качија на глава, дека ви е преку глава сè што смислуваат и прават за да си ја шират крадбата, и дење и ноќе да си го растат краденото од тебе. Знам дека си пред пукање, едвај се воздржуваш да не пукнеш, па да ги отераш во мајчината. Па пукај бе, отерај ги во мајчината, народе! И со малку смеење, ако веќе не можеш со многу . Или барем да им се потсмеваш.

Народот почнува да му ракоплеска френетично и со извици „Така е, брате филозофе!“ и „Доста со нив и од нив!“. Филозофот продолжува:

-Дозволи да се докажам за смеењето, народе!

Народот се смирува и замолчува во знак на дозволување. Филозофот пак длабоко воздивнува, па продолжува:

-Не, немам намера многу да ви филозофирам за него. За него многу си знаеш самиот. Сакам само да те потсетам на две важни и мошне актуелни пораки : „Смеј се, ама повеќе смеј им се!“ и „Кој последен се смее, најслатко се смее“.

Прочитај и за ... >>  ШИЛО И ОСИЛО, Книга VIII: Скечуално, хумористично-сатирични скечеви

Имено, смеењето како такво не го продолжува животот таков каков што е, ами живот што е живот. Сакам да речам дека многу не вреди да се смееше ако си живуркаш или, со други зборови, ако животот ти го довеле до просјачки стап. Дури, тие што ти го довеле може да помислат дека ти е арен што да не може да биде поарен, па само ќе им биде гајле стапот да ти биде и остане просјачки, да не почне да ти игра и да им се сневиди доведувањето. Сакам да кажам дека треба невоздржано, гласно, громогласно да им се смееш на глупостите, недоветностите и измеќарувањето на туѓини. Не оти ќе се свестат, не оти ќе престанат, ами и така да им докажеш дека не ги есапиш ни за ич пари. И барем да се подзамислат, ако не и да се подзаплашат поради она што ти го прават. Дека им се смееш уиште некое време, а после ќе биде од играчки плачки.

Прочитај и за ... >>  ШИЛО И ОСИЛО, Книга VIII: Скечуално, хумористично-сатирични скечеви

Што се однесува на последното смеење како најслатко смеење, нема што многу, многу да филозофирам. Ти најдобро си знаеш дека е така. Откога знаеш за себе како народ, секогаш си се смеел последен и најслатко. Може само да ги потсетиш на тоа властодршциве и властољупциве. Јас лично мислам дека ти е време да почнеш да се смееш последен. Знам дека знаеш на што мислам јас како филозоф. Уште да ви кажам дека одвај чекам да почнеш и јас да почнам да се смеам со вас најслатко. Фала ви што ме слушавте и дослушавте.

Филозофот заврши со своето филозофирање, а народот почна да се разотидува смеејќи се како последен.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here