Потребно време за читање: 2 минути

28. Преносни значења

Сончево претпладне. Двајца стари бистрачи на политика на клупа во парк.

Едниот:

-Претераа политичариве со преносните значења. Исто како вадењето од контекст. Ама сите до еден. Од сегашниот до идниот премиер, од власта до опозицијата, од експертите до творците. Чудо едно колку им легнало на сите нив.

Другиот:

-Да ти кажам сосем си во право! Премиерон моторџија секоја недела си ги полни батериите, тајните хонорарци биле за работи од јавен интерес, свиркачи на опозицијата со полна пареа, лажни вести за лажење и вистини кажување. Тешко тебе ако прифаќаш или третираш буквалистички.

Едниот:

-Ма не прифаќам, само многу ми го отежнува бистрењето политика. Еве на пример трчи-лажи премиерон. На пример, вели дека неделата му била ден за полнење на батериите. Се разбира, не мисли буквалистички, но каква врска има тоа со возење мотор, со моторџија?! Ај да му прифатам дека ги полни батериите кога ќе се искачи како моторџија, со министерот за здравје исто така како моторџија. на некоја наша планина. Демек, се искачил да подише чист воздух. А тој не вели така, туку дека во недела се вози на мотор за да ги наполни батериите!

Прочитај и за ... >>  ШИЛО И ОСИЛО, Книга VIII: Скечуално, хумористично-сатирични скечеви

Другиот:

-Мене, пак, ми го вртат умот две нешта и ми прават голем проблем во бистрењето политика. Едната е со преносно значење, а другата е буквална. Значи, човекот има батерии, поточно е на батерии. Значи, тој мора да ги полни батериите еднаш неделно зашто му сс трошат само за една недела. А тоа значи дека тој што му ставил батерии за да биде функционален, значи без нив не може да функционира, не му направил ни резервни. Може мисли дека не му требаат оти брзо ќе го потроши, па ни за трчи-лажи премиер како моторџија нема да му е требен.

Едниот:

-Од кај, пак, министерот за здравје моторџија?! Мене ми се чини дека е моторџија за атер на премиерот. Друга логика не гледам и не можам да домислам. Од него не сум чул дека така ги полни батериите. Што знам, може тој да не е на батерии…А и тоа со дишењето чист воздух. Јас мислам дека повеќе би му лежело планинарење без мотор.

Прочитај и за ... >>  ШИЛО И ОСИЛО, Книга VIII: Скечуално, хумористично-сатирични скечеви

Другиот:

-Мене ми се многу интересни и во преносна и во буквална смисла свиркачите на опозицијата кои во последно време работат со полна пареа. Значи, штом работат со полна пареа значи дека се на пареа. На пример како локомотиви на напредокот. Но какви свиркачи се тоа? Кај се? Во власта? На што свиркаат? На свирчиња? И зошто ѝ свиркаат само на опозицијата?…Јас мислам дека како што одат работиве свиркачи ќе има сè повеќе, а свиркањето сè погласно, може и сè понеподносливо. Баш би сакал да се јави некој и без никакво гајле или некаков страв да се претстави: „Јас сум свиркач на опозицијата“. Мислам дека со тоа многу би помогнал во бистрењето политика.

Едниот сакаше да докаже нешто за преносното значење на свиркачот и свиркањето односно свирнувањето, после за лажните вести во интерес на вистинските, ама веќе е близу пладне. Почнува да врне дожд. Двајцата бистрачи на политиката стануваат од клупата, ги отвораат чадорите, се поздравуваат и со бавни и тешки старски чекори тргат по своите патишта.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here