Плаошник, Plaosnik, Македонска православна црква, Makedonska pravoslavna crkva, MPC, МПЦ
Автор: MacedonianBoy
Лице в лице - сега е достапно онлајн Kupi Lice v lice - sega e dostapno onlajn
Купи Лице в лице - сега е достапно онлајн
Потребно време за читање: 2 минути

Делото на Димовски всушност содржи три книги со повеќе од 1.100 страници. Првата говори за Охридската архиепископија до нејзиното неканонско укинување во 1767. година. Втората е посветена на периодот од укинувањето и присоединувањето на нејзините епархии кон грчката Цариградска патријаршија, па до Балканските војни. Третата, пак, го обработува периодот од Балканските војни до нашето време (20. век), со посебен осврт на создавањето на Македонската православна црква во лицето на обновената Охридска архиепископија.

„Историјата на Македонската православна црква“ во многу свои страници е полемичко дело, одговор на негаторскиот став спрема духовната независност и суверенитет на Македонија, на непризнавањето на автокефалноста на Македонската црква. Во третата книга посебно внимание му е посветено на внатрешниот живот и на уредувањето на Македонската православна црква и на историските и канонските права таа да се најде во верската заедница на источно- православните автокефални цркви со што, како што вели Димовски, „една историска неправда би била надмината, како што им прилега на христијанските цркви“.

Секое поглавје од неговото дело е проследено со богата историска аргументација, со консултација на многубројни домашни и странски дела, односно извори и литература.

Во „Предговорот“ Славко Димовски, меѓу другото, ќе го запише и ова:

„Св. Климент станува и првиот епископ и основач на македонскословенската црква со седиште во Охрид. Плодот што го роди дрвото посадено од св. Климент Охридски во Македонија, во времето на Самоиловото царство во втората половина на 10. век и првите две децении на 11. век доведе до создавање на Охридската патријаршија, автокефална црква која по пропаѓањето на неговото царство во 1018. година од страна на победителот, византискиот цар Василиј II, е симната во ранг на архиепископија, но и натаму со статус на автокефална црква“.

А пишувајќи за духовниот живот на МПЦ, тој забележува:

„Традиционално, православните Македонци како народ се одликуваат со длабока набожност и истовремено со црковност. Тие во својата историја и осумвековната духовна независност на Охридската архиепископија ја зачувале својата православна вера и во најтешките времиња на османлиското ропство. Во одбраната на својата православна вера македонскиот народ дал безброј маченици (мажи и жени), од кои некои се прогласени и за канонски светители. Токму тие жртви придонеле за тесното поврзување на верниците со нивната црква- нивната духовна мајка. Македонската православна црква во својот црковен календар бележи и прославува бројни светители и маченици за верата, меѓу кои: светите браќа Кирил и Методиј., творци на првата словенска азбука; св. Климент Охридски, организатор на црквата во Македонија; св. Наум Охридски; св. Тивериополски маченици; пустиниците св. Прохор Пчински, св. Јоаким Осоговоски, св. Гаврил Лесновски; мачениците св. Ѓорѓи Кратовски, св. Злата Мегленска и многу други“.

Во „Историјата на Македонската православна црква“ на Славко Димовски ќе откриете многу непознаници за МПЦ кои ги затврдуваат нејзиното постоење и нејзината долга историја.