Потребно време за читање: 2 минути

45. Секогаш заедно и наеднаш раскин

Момче и девојка за маса во кафуле, еден спроти друг. Држат мобилни со рацете на ушите и зборуваат. Пред нив шишенца со џус што одвреме-навреме ги истураат во чаши и пивнуваат.

Момчето:

-Пиле, ти си?

Девојката:

-Маче, јас сум, а која друга? Ти како да не си сигурен дека сум јас.

Момчето:

-Ма не! Сигурен сум. Зошто да не сум? Тоа колку да прашам. А кај си? Од кај ми се јавуваш?

Девојката:

-Моментно сум во нашето кафуле и разговараме, а спроти мене седи еден тип што многу личи на тебе и зборува на мобилен.

Момчето:

-Каква случајност! Еве и јас седам во нашето кафуле, на нашата маса и разговараме, а спроти мене седи една типка што многу личи на тебе и зборува на мобилен.

Девојката:

-Да не заборави нешто, маче мое?

Момчето:

-Што сум заборавил, пиле мое?

Девојката прилично нервозно:

Прочитај и за ... >>  ШИЛО И ОСИЛО, Книга VIII: Скечуално, хумористично-сатирични скечеви

-Значи толку ти значам јас, а? Колку некоја друга, како сите други твои пилиња, а?

Момчето:

-Што ти стана наеднаш? Како тоа не ми значиш односно ми значиш колку сите други мои пилиња? Како прво и прво, ми значиш ептен, колку никоја досега пред тебе, а како второ и второ јас немам други пилиња освен едно. Само ти.

Девојката:

-Маче, а состанокот вечерва? А нашето кафуле?…А љубов по испивање на нашите џусови?

Момчето прилично нервозно:

-Пиле, чекај малку! Јас не заборавив, туку ти очигледно си заборавила. Јас сум излезен, во нашево кафуле сум од точно навреме, ама тебе сè уште те нема!…Спроти мене седи една типка што многу личи на тебе и зборува на мобилен, а од тебе само глас на мобилниов!

Девојката зачудено:

-Ти си в ред, маче мое!? Да не те фатила температура?! Како да ми бладаш! Јас сум веќе полчас во нашево кафуле, во секунда бев точна, а од тебе сè уште само глас на мобилниов!…И спроти мене седи еден тип што многу личи на тебе, збори на мобилен и пие џус, ама тој не си ти!

Прочитај и за ... >>  ШИЛО И ОСИЛО, Книга VIII: Скечуално, хумористично-сатирични скечеви

Момчето зачудено:

-И оваа спроти мене не си ти! Што има да збориме на мобилен ако сме заедно во нашево кафуле и пиеме џус?!

Девојката многу нервозна и лута:

-Од овој час, од оваа секунда јас и ти веќе не сме маче и пиле! Мене некој тип да ме извиси, да не дојде на закажан состанок!? Ниту се родил, ниту ќе се роди таков! Веќе никогаш да не си ме побарал на мобилен. Јас не постојам за тебе!

Момчето исто така многу нервозно и луто:

-Мене никоја досега не ми го направила ова! Што се мислиш ти? Дека си некоја посебна?! Мене некоја да ме извиси, да не дојде на закажан состанок!? Нема шанса! Сега е крај, вистина е крај! Жалам што се познававме досега!

Момчето станува, брзо и со решителни чекори го напушта кафулето. Типката што седеше спроти него и збореше на мобилен го стори истото. Му се пристори дека е неговото пиле. И на таа што исто така го напушти кафулето брзо и со решителни чекори ѝ се пристори дека момчето што во исто време го стори истото е нејзиното маче.

Прочитај и за ... >>  ШИЛО И ОСИЛО, Книга VIII: Скечуално, хумористично-сатирични скечеви

На обајцата само им се пристори.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here