Потребно време за читање: 2 минути

1. Во куќа од јавен интерес

Добринка:

Здраво-живо урнебесовци!

Добре:

Нека ни е денов аирлија!

Добринка:

Ред беше и јас да се наредам помеѓу вас, да си го фатам редот. Дури не почнале да ме редат други. Морам да признаам дека, гледајќи ве како сте и какви сте, ептен ми се допаѓа да урнебесувам заедно со вас.

Најнапред да ви се претставам: јас се викам Добринка. Ако ви се чинам позната од некаде, не треба да ви се чинам зашто сум. Пред многу години, кога сè ни одеше добро, подмачкано, кога ни течеше мед и млеко од сите страни и сите си бевме убави и слатки, во братство и единство збрани, јас си бев исто како сега вие. Вистинска урнебесовка. Тогаш, како што мислам дека ви текнува, Господ одеше пеш по земја и ни велеше, со господски глас нè убедуваше: „Социјализмот нема алтернатива“.

Јас си бев помеѓу вас, ама ве напуштив навреме. И сега сум сигурна сто на сто, ма преку сто на сто сум убедена дека добро сторив. Точно кога намирисав дека ќе почне друго да ни се нуди: кисело-солено, забиберено-запиперено, запечено-недопечено. Не за друго, туку оти сè сум претурила во животот преку глава, во овој живот наш лажовен, па во таква констелација морав да ја дочувам добрата душа што ја имам.

Прочитај и за ... >>  ШИЛО И ОСИЛО, Книга VIII: Скечуално, хумористично-сатирични скечеви

Еве ме пак помеѓу вас само затоа што сум сигурна дека конечно ни тргнува на добро. Ни ги подмачкаа и ни ги подмачкуваат штрафовите, вентилите, пружините, внатрешните и надворешните органи, и сè друго што фатило ‘рѓа, па можеме заедно да продолжиме да урнебесуваме.

Баш вчера го сретнав Господ како оди пеш по земја. Го поздравив, се прекрстив како што е редот. Тој ме погледна, ме прегледа од сите страни, провери дали ми е сè наместо, па со господски глас ми рече: „Капитализмот нема алтернатива“.

И нема. Сто на сто и преку сто сум сигурна дека е така. Ај да урнебесуваме!

Добре:

Најнапред и јас да ви се претставам.

Баш пред некој ден ѝ велам на мојава Добринка: „А мори, Добринке моја, што чекаме јас и ти? Да почнат да нè редат? Ај навреме да си се наредиме во редот, да почнеме и ние да урнебесуваме, па што било нека биде“. Се разбира, како што си е наредено помеѓу нас, Добринка веднаш прифати.

Прочитај и за ... >>  ШИЛО И ОСИЛО, Книга VIII: Скечуално, хумористично-сатирични скечеви

Јас се викам Добре. Си имам ептен добра душа. Можам да речам дека името ми прилега, просто ми лежи. За да не бидам подолг и поширок од мојата Добринка, само ќе доречам:

Денеска почнувам да урнебесувам заедно со вас. До каде ќе дотуркаме ќе се види, ќе се чуе.

Баш вчера и јас го сретнав Господ, ама не како оди пеш по земја, туку како се вози во автомобил, од големине и долгине, црнине, белине, црвенине. Го поздравив, се прекрстив како што е редот, му се поклонив до земја, а тој со господски глас ми рече: „Добре мој, добра душо. Почни да урнебесуваш ако сакаш господски да се однесуваш. Доста со крпеж и трпеж во животот. Прај си, трај си и свиркај си му е мајката, а и таткото. Народски што би се рекло: буткај и шуткај“.

Почнувам. Признавам дека сега полесно се урнебесува откако речиси ни заврши приватизацијата сосе криминализацијата, ама има уште многу недовршено во полит-бизнис-олигархиските кругови. На пример, уште сега се подтотвувам да урнебесувам, заедно со вас, на нивните меѓусебни свадби и крштевки кои, како што лесно може да се забележи, штотуку се заредија.

Прочитај и за ... >>  ШИЛО И ОСИЛО, Книга VIII: Скечуално, хумористично-сатирични скечеви

Во куќата од јавен интерес почнаа да ги менуваат чаршавите, како почеток на нов реформски, транзиционо-приватизационо-неокриминализиран период.

 

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here