Потребно време за читање: 2 минути

39. Посветеноста на Јас обичен смртник во Јас книжевник

Во Македонското радио-Втора програма, во која работев и градев кариера цели 25 години (од млад спортски новинар(!), новинар и уредник во Редакција за култура, па во Контактно-забавната, сѐ до Одговорен уредник на програмата), имав колега-радио новинар по име Владимир Коробар. Одамна не е меѓу живите, а не остави нешто впечатливо. Објави само една мала книшка со белешки, цртички и куси раскази, дел од неговата катадневна новинарска работа.

Чудна личност, ненаметлива, со високо ниво на култура, мошне духовита, со свој свет што ретко кому му дозволуваше макар површно да го запознае.

Нашите контакти станаа многу ретки, случајни, како со сите други откога преминав во приватниот радио-бизнис-го оформив и (рако)водев Евергрин Гром радио. Пред ненадејно да го напушти овоземниот живот ја вршеше функцијата Одговорен уредник на програмата. Имавме голема меѓусебна почит, а тој мошне често истакнуваше една моја нему чудна, дури неразбирлива „карактерна“ особина:

Прочитај и за ... >>  БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

„Сѐ, сѐ, ама едно нешто кај тебе ли, во тебе ли не можам да го разберам. Просто ме фрапира: ќе се посветиш целосно на едно нешто, и тоа катадневно, па наеднаш, ненадејно запираш, престануваш и се „префрлуваш“ на друго, сосема напуштајќи го, заборавајќи го претходното; како никогаш да не си го работел, да не си го пишувал“.

Притоа, најчесто го наведуваше моето секидневно, вклучително саботно и неделно пишување на сатирично-хумористични текстови цели три години (на почетокот од 80-тите години на 20. век), објавувани во рамки на утринската програма (репризирани попладне) под заеднички наслов-рубрика „Аирлија да ни е денов, народе“.

Јас тоа (си) го толкувам токму како посветеност која најнапред претпоставува мисловно, па и психичко, некогаш дури физичко исклучување од претходно дејствие, процес, создавање. Тоа е некоја посебна способност, моќ, надареност, дадена од Бога? Не знам, но знам дека мојата посветеност како да налага „бришење“ или одлагање на сѐ што ја оптоварува, ја „одвлекува“ во безначајни „води“, ја отстранува или просто ја оддалечува, исклучува сѐ странично. Блиска е до целосна концентрација? Мислам да.

Прочитај и за ... >>  БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

Но што значи и „отфрлање“, „заборавање“ на дотогашно, како нешто во кое и со кое како воопшто да не сум бил?

Значи дека не ми значи којзнае што, да не речам не ми значи ништо!

Се согласувам дека тоа најмногу се однесува на моето книжевно творештво, иако можам да наведам многу други „ситуациии“ и „состојби“ во моето детство, младите, па и зрелите години. На пример, посветеност во игра која има форма и содржина што можам да ги „разнишам“, да ги „разградам“ или во најмала мера во нив да „вградам“ нешто мое (фантазија, идеја, конструкција). Да, тоа е и суштината на моето создавање, особено на поезијата. Која се обидувам да ја „објаснам“ во мој „дел“ од поетскиот манифест „На чекор од говорот“.

Мојата посветеност и „исклучување“ на сѐ друго „во меѓувреме“ се однесува не на едно и единствено дело, туку на создавачкиот процес, дејствие и работа.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here