Потребно време за читање: 2 минути

12. Незадоволство?Не!
Можеби сомнеж дека создаденото ќе го надживее
сопственото време.

Дали творецот е задоволен од своето објавено дело или од делото што го „завршил“/го „затворил“, на кое веќе нема одново да му се наврати, нема да му се навраќа постојано? Дали сум задоволен јас?

Одговорам дека јас не сум, а сигурен сум дека не е секој друг како мене.

Најнапред уште еднаш, како повеќепати досега, за објавеното и „завршеното“, односно за „затвореното“ дело. Патем и за уште нешто што сум го премолчувал досега: задоволен/незадоволен од дело или од дела многу повеќе како создавање одошто како создадено.

Објавеното дело не значи дека е и „завршено“, ниту дека е „затворено“. „Завршено“ е или „затворено“ кога неговиот творец веќе не е во можност да се наврати на него, да го продолжи или доработи, преработи, да го обнови или пресоздаде. Од кои било причини, а секако пред сѐ од неминовната-смртта. Истото се однесува и на неговиот читател/консумент, но само доколку пристапот му е творечки-креативен.

Прочитај и за ... >>  БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

Творештвото многу повеќе како создавање одошто како создадено. Исто: создавање до последен издив, а создадено по него. Во таа смисла, прашањево за творечкото задоволството или незадоволството е сосема ирелевантно, не е ниту за поставување, дилема и одговарање.

Незадоволен од создаденото? Да, секогаш! Незадоволен од создавањето? Не, никогаш!

Јасно, мислам на творечкото незадоволство кое е пред сѐ поттикнувачко. Не на кое било, од што било, туку конкретно, согледливо, причинско и последично. Не незадоволство од себеси, туку од од процесот, од текот на создавањето.

Трајно незадоволство? Делумно да. Не како нерамнотежа, пореметување помеѓу преголема, недосеглива оддалеченост на конкретна цел и животворна енергија, ниту како нужност од промена, постојан стремеж кон повеќе, повисоко, подлабоко. Трајно незадоволство што е всушност постојано продлабочување на конзистентната откривачка и истражувачка настројба да се изложат на виделина внатрешни немири, доживелици, надежни мисли и замисли; нескротлива авантура на духот.

Можеби сомнеж дека создаденото ќе го надживее сопственото време? Можеби.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here