Потребно време за читање: 2 минути

7. Приопштување

Во книжевноста приопштување значи превод или препев на едно дело од еден јазик на друг, објавено дома или во странство. Со други зборови, негово „придодавање, приклучување“ кон друга литература, култура, творештво.

Приопштувањето на едно дело кон друга книжевна традиција е важно најнапред за творецот. Тоа е секако негов личен успех, потврда и афирмација на стојностите на неговото дело. Потоа успех за литературата на која ѝ припаѓа, едновремено како затврдување на нејзиното место и значење во светската книжевна мапа, и како потврда на континуитетот на нејзините идентитески обележја.

Од друга страна, неприопштените дела никако не значи дека се помалку вредни или безвредни. Особено ако се има предвид дека делата на тн. мали народи, кои им припаѓаат на тн. мали книжевности, тешко се „пробиваат“ сами, „спонтано“, „потпирајќи се“ исклучиво на стојностите. Затоа се преземаат други, меѓукултурни, меѓуиздавачки чекори. Како што е, на пример, заемното-реципрочно издавање; избрани дела се приопштуваат меѓусебно.

Прочитај и за ... >>  БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

Иако изискува многу поголемо, попродлабочено промислување односно елаборација (есеј), овојпат само два-три збора како мој став за преводот и препевот.

Приопштувањето е автентично кога станува збор за превод. Преведувањето од еден на друг јазик подразбира строго придржување на јазичните особености на делото на „својот“ јазик и нивно „пренесување“ на другиот. Се разбира, со нужното „прилагодување“, на пример на акцентуацијата, соодветната замена на идиомите (бидејќи тие не се преведуваат), нагласување на дијалектните особини со свои (доколку ги има) итн.

Препевот (на песна-поезија) е „повеќе“ од приопштување. Не е тоа само поимно-слободно препеана, приспособена , преуредена песна. Јас би рекол: тоа е пресоздавање на друг јазик. Значи ново, со коавторство, со подеднакво право на авторство. При што делото што се препејува-пресоздава е основа, темел врз кој се гради, доградува, надградува.

Се разбира, како автор го преферирам препевот, а повеќе го почитувам преводот.

Малку лично:

Ниедно мое дело од досега објавените не е преведено или препеано на друг јазик. Преведени или препеани се само неколку песни на повеќе јазици (српски, романски, унгарски, англиски…). Ми значи тоа? Ме оптоварува? Раѓа незадоволство во мене?

Прочитај и за ... >>  БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

Не баш!

Сеедно дали е за верување или не:

Сосема сум рамнодушен ако некој мисли дека непреведувањето и/или непрепејувањето на ниедно мое дело е затоа што ниедно тоа не го „заслужило“! Како? Зошто?

Многу едноставно: како секој творец-писател со секојдневен творечки ангажман, и јас не знам што е тоа личен успех, поточно успех на мое дело. Ниту, пак, ми е познато чувството што тој го предизвикува (задоволство?; возбуда?; радост?; среќа?; гордост?).

Од други сум прочитал, разбрал и прифатил: неприопштено вредно книжевно дело од страна на една книжевност, на книжевна средина, култура и традиција е нејзин хендикеп, осиромашеност, стеснетост на нејзините хоризонти. Еднакво како вредно дело кое нејзе ѝ припаѓа да не се приопштува од друга, од други. Затоа најразвиените имаат свои „комесари“, односно ревносни (платени) проследувачи на светските книжевни текови кои „реагираат“ навремено и го „помагаат“ преведувањето или препејувањето на сѐ вредно, а особено на највредното, врвното.

Многупати сум рекол-напишал, па еве уште еднаш да повторам:

Прочитај и за ... >>  БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

Единствено лично задоволство, единствена лична возбуда ми е создавањето на мои книжевни дела.

Драго ми е, мои пријатели, оти помеѓу вас има многумина на кои им се допаѓа, кои прифаќаат, признаваат и почитуваат понешто создадено од мене. Се разбира, во оригинал, на мојот македонски јазик.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here