Потребно време за читање: 3 минути

151. Јас обичен смртник за различноста и самосвеста

Младите имаат еден интересен „културен“ израз (не сум сигурен дека треба да биде во наводници), повеќе прекор за оној што зборува глупости:

„Ај не треси зелени!“

Всушност, тој е со многу „пошироко“ значење: не ги опфаќа само глупостите (без притоа да биде навреден тој што ги кажува), туку и кажаните незрели и недозреани нешта.

Во политиката, особено во политикантството, а најмнoгу во предизборна кампања на секое „ниво“, досега сме се изнаслушале „зелени“. За жал или за радување, за смеење или потсмевање сѐ уште се изнаслушуваме и секако уште долго ќе слушаме. На наше големо разочарување, веќе се навикнавме на нивно „тресење“, па сѐ полесно го издржуваме. Напротив, дури почнавме да не го забележуваме, а богами одвреме-навреме и да му аплаудираме.

Притоа, воопшто не е од значење положбата или позицијата на тој што (ќе) тресе; дали е благопријатна или неудобна, долготрајна или краткотрајна, доброволна или сосила наметната; дали е седечка, лежечка или коленичарска.

На пример, забележувам дека одвреме-навреме, за мене прилично неочекувано но уште поприлично изненадувачко, оние кои се во седечка или лежечка многу повеќе „тресат зелени“, отколку оние во коленичарска позиција! Што е, меѓу другото, мошне податливо за социолошки, па и психолошко-психијатриски анализи.

Прочитај и за ... >>  БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

Европските политичари, особено оние водечките, имаа(т) големи проблеми со нашиве. Никако да бидат правилно разбрани од нив. Тие ќе кажат едно, јасно и гласно, а нашиве ќе слушнат друго, најчесто како што им се прислушува и во рамките на она што сакаат да го слушнат.

Едно од таквите, секако круцијални недоразбирања, е пораката во врска со нашето поблиско и подалечно минато, особено поврзаното со нашиот идентитет.

Потсетувам:

„Заборавете го минатото, свртете се кон иднината“.

Или:

„Оставете им го минатото на историчарите. Вие работете за сегашнината и иднината на вашата земја и вашиот народ“.

Имено, нема потреба да читаме меѓу редови (тоа Европејците не го ни сакаат) за да ја слушнеме и разбереме мошне јасната порака:

Не да се заборави минатото или да се пишува ново, заедничко во името на добрососедството, туку да не се враќаме на неговите темни страници. Не тие да се заборават, во никој случај да се избришат, туку да не се повторуваат во нашава денешнина. Бидејќи со тоа, така, не заборавајќи, а повторувајќи, не ќе можеме да напишеме ниту една наша страница во Книгата на иднината.

Не е никаква доблест или неоптовареност ако се знае и брани сопствената историја. Европската унија не бара искривување или допишување, поточно фалсификување на историјата, а не ни помислува на тоа кога бара да го оставиме минатото. Затоа што различни народи имаат различно минато.

Прочитај и за ... >>  БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

Треба да потсетувам на нејзината темелна заложба: еднаквост во различноста како сопствено богатство? Меѓутоа, ако ова не го знае еден политички главатар, тогаш што остана за другите под него?

Очигледно е дека не го знае, па токму затоа „истресената зелена“ од него има многу поголема тежина од онаа на некој што барем малку знае и разбира.

Најконкретно: изразена обострана желба(!) за заедничко чествување на празници со сосед?!.

Кои празници? Па, на пример, Илинден! Проследено со заложбата „неоптоварени“ историчари да ја пишуваат „заедничката историја“ во името на заедничката иднината!

Првите прашања на оној што макар нешто од нешто знае од историјата се:

Историјата се пишува (и брише) или се создава? Која историја е и може да биде заедничка? „Заедничка историја“ или „заедничко во историјата“?

Бидејќи, нормално, одговори не може да се бараат од оној што „тресе зелени“, нив ги даваат оние што не се „доблесни“ и „неоптоварени“, туку се учени, мудри и разумни. Па оној што макар нешто од нешто знае, лесно ги наоѓа следниве одговори:

Историјата ја создаваат творци, личности и дела, а ја пишуваат победниците како „потврда“ на победата над поразените.

Историјата ја пишуваат и бришат оние што се сметаат себеси за „исторични“, а се всушност маргинални, безначајни, ништожни, кои времето ги прегазува уште во нивното.

Прочитај и за ... >>  БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

Вистинската историја е онаа што се потпира исклучиво на артефакти, факти и аргументи. Сѐ друго е легенда, митологија или лична творба.

„Заедничка историја“ е или може да биде единствено во рамките на една заедница, држава, ентитет, идентитет (национален). Заедничка не може да биде помеѓу два народа, две држави, два ентитета односно идентитета. Ним може да им биде заедничко само она што било дури биле (ако биле) заедно. Притоа, не „пишување“, туку корегирање на дел од созадената историја (испишаното во неа) која се однесува на ентитетите, националностите („мнозинската“ и „немнозинските“ заедници) во една држава!

И она што е најважно:

Никаде и никогаш национални празници ниту биле, ниту можат да бидат прославувани заеднички, од страна на две држави или два народа. Освен ако некој настан од историјата бил „изведен“ заеднички.

Почитуван читателу, ти кој никогаш не „тресеш зелени“ кога не знаеш, туку се трудиш да научиш и разбереш, прости ми што те потсетив на некои ноторни нешта кои сигурен сум дека ги знаеш одамна, како една од првите уки за самосвеста. Едноставно, морав поради опасноста од оној, поточно од оние што често, веќе неподносливо пречесто „тресат зелени“. Поради загрозата на нашата опстојба!

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here