Потребно време за читање: 2 минути

92. Сега јас за краткото паметење,
а во името на Јас книжевник и Јас обичен смртник:

Освен како болест (најмногу старечка склероза), краткото паметење е свесно или „самовлијание“ (во рамките на самоконтролата) или резултат на акција-дејствие (моќ на влијание) во манипулативни цели. Тоа најдиректно и најбрзо го загрозува, поточно го уништува идентитетот, препознавањето во светот на различностите, траењето во времето и просторот. Пред сѐ на колективен, но и на индивидуален план.

Опасни за една средина (заедница, општество, народ, држава) се оние што играат на „картата“ на краткото паметење. Опасни се ако им го дозволуваме тоа, ако не ја согледуваме нивната организираност и крајната цел што си ја поставиле. Од друга страна, таа-крајната цел најчесто е (повторно) освојување на власт, владеење со народ што го третираат како стадо овци. А им дозволуваме кога прифаќаме препораки од типот: „Заборавете го минатото-свртете се кон иднината“, „Напред-не назад“ (страв од свртување, од „рекапитулар“?) или ново пишување на историјата што подразбира и бришење на нејзини страници кои, најчесто, ги пишуваат победниците односно владејачите. (Притоа не знаејќи или намерно заборавајќи дека историјата не се пишува, туку се создава).

Прочитај и за ... >>  БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

Каде и кога успева краткото паметење? Таму кајшто блиското минато воопшто не е „розово“, а го пишувале (или создавале-во овој контекст сеедно) погрешни луѓе на погрешни места. Стадото овци постојано, секојдневно се бомбардира со избор од „големи постигања“, „немерливи успеси“ кои се гарант за иднината, залога за новите ветувања (лажги со опашки), а се всушност само убедување за ново освојување на власта. Успева кога е урнисано, згазено личното достоинство, кога духовната егзистенција не може да опстои, а камо ли да продолжи поради голата (што, инаку, се дефинира како беда на душата и телото). Кога се дозволува недоветни, неуки, неумни луѓе да го наметнат своето; имено, дека во иднината е денес, сега, но не и вчера.

Краткото паметење им е својствено на недоучените, неискусните, несигурните, наивните и неслободните. На него особено се потпираат, го користат оние што манипулираат, мамат, лажат, крадат, имаат немерлива нечиста совест. Кај нив целта оправдува секое средство, газат пред себе сѐ за да стасаат до неа. Тоа е мошне ефикасно оружје на итроманите, дилетантите, лакташите, коленичарите, а најнапред на недостојните.

Прочитај и за ... >>  БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

Како против краткото паметење?

Едноставно: со постојано навраќање кон поблиското и подалечното минато и, што е можеби најважно, инсистирање на отчет на оние што ја пишуваат историјата. Значи, да не им се дозволи на големците, всушност ништожници и натаму да нѐ убедуваат со познатото „Историјата ќе ги оценува мојата работа и моето дело“, туку нивните „постигања“ да ги оценуваме сега и овде. Пред да се одлучиме дали ќе бидеме со нив и утре, дали ќе дозволиме и натаму да владеат со нас како стадо овци.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here