Потребно време за читање: 2 минути

93. Јас книжевник реши да напише, да му остави на потомството свое книжевно завештание

Сосема ми е разбирлива потребата на книжевниците при крајот или сосема на крајот од животот да напишат книжевно завештание, а со кое обврзуваат некој ближен да постапи со неговото творештво по негова волја. Исто така, можам некако да го разберам, ама не и да го прифатам непридржувањето, односно неисполнувањето, па и сосема спротивното постапување. Особено кога завештанието е неразбирливо, нелогично и неприфатливо. На пример, по неговата смрт тој-ближниот да уништи-избрише, искине, изгори сѐ што создал книжевникот! Или, пак, книжевникот да не дозволи повторно објавување на негови веќе објавени дела.

Најпознат е случајот на Франц Кафка кој својот најблизок пријател Макс Брод го обврзал да уништи сѐ што создал. Но тој не го исполнил барањето, па благодарение на него светот и ден-денес ја открива неговата книжевна големина.

Во врска со книжевните завештанија едно нешто не можам да разберам, ниту да прифатам: книжевниците да ги пишуваат при крајот или сосема на крајот од животот, а со налог да бидат отворени-обелоденети откако ќе починат! Чуму тоа?! Зошто да не се обелоденуваат додека се живи?

Прочитај и за ... >>  БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

Јас сум сто на сто сигурен дека тоа ќе почне да се случува многу скоро. Се осмелувам и да тврдам дека во догледно време книжевното завештание ќе се издели како посебен книжевен жанр!

Па еве, јас ќе бидам првиот-„кршачот на мразот“. Го пишувам и веднаш го обелоденувам моето книжевно завештание:

Мојот потомок, кој ќе ја преземе грижата за натамошната судбина на моето книжевно творештво, го обврзувам:

1. На моето покривање со земја и мермерна плоча да присуствуваат само моите најближни, а тоа да се изведе без никакви обичаи или церемонии;
2. Моето одење во вечноста и/или бесконечноста да се објави по четириесет дена (белки е вистина дека тогаш душата ќе ми се вознесе во царството божјо);
3. На мермерната плоча над мојата глава или под моите нозе да не биде напишано-изделкано ништо друго (слика, име и презиме, само име или само презиме, иницијали, симбол…), освен епитафот објавен на задната корица на мојата стихозбирка „Безбели, на небо ветер фрла длабок здив“;
4. По мојот замин, ниедно мое веќе објавено или необјавено дело да не се издава без потпишување ексклузивен договор со оној издавач што ќе понуди најповолни услови (се однесува пред сѐ на заштитата на авторското право и авторскиот надомест);
5. Со добиените надоместоци (финансиски и други средства) да располага и истите да ги користи мојот потомок, без никакви ограничувања;
6. Забранувам постхумно доделување на какво било признание или каква било награда на мојот лик и дело од кого било;
7. Во период од дваесет години по мојот замин забранувам по мене да се именува што било (улица, објект, институција, награда, фондација, манифестација…).

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here