Потребно време за читање: 2 минути

3. Објава

Го објавуваш своето дело за да не биде само твое, за да им припадне и на други. Многу повеќе на други отколку твое. Дури веќе не е. Како да се оттрганло од тебе, од твоето битие, од твојата сушност.

Задоволство од објавата, но и страв и недоумици: дали е конечно тоа што треба да биде, не можело ли да биде поинакво, има ли празнини во него што треба да бидат пополнети? Дали ќе биде прочитано, откриено, согледано, конечно прифатено како што си го создал, како што си го оформил? Дали ќе биде протолкувано како што треба, како што посакуваш?

Нема завршено дело. Секое секогаш може да се продолжи. Во него да продолжи авантурата на духот, творечкиот неспокој. Во него или во некое друго како негово продолжение. Сомнежот продолжува. Колку едно дело го совладало своето време, колку ќе освои од нечие друго?

Неговата објава е чин на препознавање на авторот пред други, пред оние што ќе го земат в раце, во оние во кои треба да живее. Да му ги откријат вредностите и да ги вградат во сопствените светови. Со своите универзални пораки, со својата конкретна содржина.

Прочитај и за ... >>  БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

Делото не е завршено сѐ додека не се докаже, сѐ додека не се потврди себеси.

Пишуваш дело, а воопшто не размислуваш за неговата објава. Живееш со него и во него, ја мериш неговата тежина, го мериш секој негов збор, секој негов знак, меѓуредна празнина, маргиналија. Да биде одмерено, ништо премногу, ништо премалку.

По којзнае колку време конечно го завршуваш. Мислиш дека си дошол до крајот, си ставил точка на сѐ, па го оставаш настрана. Да го заборавиш, да те заборави. Кога ќе го објавиш? Можеби никогаш!

Се разбира, не некогаш, туку кога делото конечно ќе се ослободи од закрилата на авторот. Зашто секое си има свое единствено, самостојно и независно време на објава.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here