Потребно време за читање: 2 минути

5. А што ако никој не прочита?

Па, ништо. Ќе остане непрочитано, исто како да не постои, како никогаш да не било објавено. Залудно било? Никако! Зашто не може да не се најде баш никој, случаен или намерен сеедно. Кога-тогаш сигурно ќе се најде макар еден што ќе прочита, а тоа е секако целосно исполнување на целта. Токму така! Ако не е, прашањето е: за колкумина се објавува?

Творецот своето дело, своето создание секогаш му го нуди само на еден-читач, слушач, гледач. Дали по него ќе следат други, ќе го следат него, ќе бидат како него, ќе бидат едновремени со него, никој ниту знае, ниту може да претпостави. Впрочем, творецот никогаш не размислува за тоа, не се загрижува. Не оти му е сеедно, туку затоа што негова единствена преокупација, дури единствена усилба и цел му е-создавањето. На големиот творец континуираното (неговата големина е токму во тоа).

Прочитај и за ... >>  БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

Творецот секогаш создава за еден. На еден му се обраќа, со еден споделува, за еден остава создадено. А тој еден е личност!

Творецот никогаш не создава за многумина, за секого, за сите. Никогаш не ја п(р)омислува, не може, а и не сака да ја домислува масовната публика. Зашто ја нема, зашто е едноставно невозможно колективно слушање, гледање, читање на едно книжевно дело. Најмалку, пак, негово колективно откривање, сознавање и/или доживување.

За објавата за читање (поезија, расказ, цртичка, белешка, рефлексија, подолго прозно дело, афоризам или друг јадровизам-домисла, согледба- стојалиште, умност-премудрост, есеј…):

Кога станува збор за прочитот и читањето, тие се крајно неизвесни ако таа-објавата е во печатен медиум, на пример како печатена книга. Особено ако не е можно да се регистрира, да се забележи, да се согледа одгласот. Па и кога ќе се продаде или подари макар еден примерок од неа. Што ако остане никогаш отворена во домашна витрина, на рафт на библиотека? Што ако е само за покажување, загледување, самофалба на оној што ја поседува? Што ако поради негова негрижа или рамнодушност таа само собира прашина, одамна е задушена во неа?

Прочитај и за ... >>  БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

Со многу повеќе подобности, привлечности, па и предности е објавата на Интернет (на сајт-портал, социјална мрежа, фан страница, е-книга, видео-аудио клип). Најнапред затоа што се регистрира секоја поединечна посета, што значи се има увид во индивидуалното „отворање“, во споделувањето. Од не помало значење е дека се овозможува „лајкување“ (допаѓање) или реагирање-коментирање, што значи дека е секогаш отворена можноста за дијалог, дискусија, за кореспонденција помеѓу творецот и читателот/читателите. Потоа…

А што се однесува на временоста, (по)минливоста и трајноста на објавата, и тие се мошне проблематични во нашево време.

Најважно е едно: објавата е објава. Творецот објавува-обзнанува напишано, создадено и…

И толку. Тоа е сè!

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here