Потребно време за читање: 3 минути

71. Моите објави на Facebook

Веќе искажав стојалиште (проблесок во мислата) дека е важна каква било објава на едно дело, пред сѐ како продолжение на неговото создавање. Се разбира, под објава подразбирам публикување, издавање во која било форма (печатена-книга, аудио-издание, е-книга, на Интернет-читање), вклучувајќи ги и објавите на социјалните мрежи. Со еднакво значење и вредност? Секако!

Е, токму таа-еднаквоста во значењето и вредноста на посочените форми (и други, како на пример плакат и картичка-напечатена објава, видео изданија, на специјални таблети за читање на книги) е сѐ уште „проблематична“, но не во развиениот медиумски свет. Кај нас важи: сепак, книгата е книга. Што значи тоа? Дека предноста ѝ се дава нејзе? Тоа не е спорно, но е мошне дискутабилна како „трајна вредност“.

Во овој контекст треба да се има предвид суштинското значење на поимот „книга“-форма на достапност на едно дело, за негово „масовно“ презентирање, читање, приопштување. Како и дефиницијата на УНЕСКО за неа: подврзана печатена омеѓена публикација од најмалку 49 страници, односно печатена колекција на хартија (со помал број страници се нарекува брошура). Настрана што и оваа (како многу други) е веќе надмината, па е потребно нејзино редефинирање, а притоа да се земат предвид историјата на книгата (повеќе од 7. 000 години) и различните формати и медиумите на нејзино појавување-објавување.

Дали е запечатена судбината на книгата? Претстои ли нејзино исчезнување? И за ова веќе се имам изјаснето, а сега само ќе потенцирам:

Прочитај и за ... >>  БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

Опстанокот на книгата не е, ниту ќе биде доведен во прашање. Таа ќе продолжи да „живее“, но се разбира со „нов живот“: како библиофилски изданија (мошне скапи, во ограничен тираж, печатени на скап материјал-хартија, пергамент и др., и луксузен повез). Особено како графички мапи (соработка на писател и ликовен уметник-притоа секој графички лист е потпишан и нумериран, па секоја книга е оригинал). Сегашните тн. евтини изданија во голем тираж (џебни, печатени на евтина хартија и со „времени“ корици, „за една употреба“ и сл.) наскоро ќе исчезнат. Веќе ги „заменуваат“/ги „заменија“ таблетите кои се во масовна употреба и кога е збор за поседувањето книга и за нејзино читање (сѐ повеќе бесплатно).

Најважно прашање во однос на објавата на едно дело е неговата достапност, односно читаноста. На тој план вистинска „демократизација“ направија социјалните мрежи и Интернет.

Конкретен пример за наши „прилики“: поезијата. Книги со поезија-стихозбирки, поетски студии, поетски инсталации итн. најчесто се објавуваат во тираж од стотина примероци, па и помалку. (Своевиден „рекордер“ е мојата стихозбирка „Безбели, на небо ветер фрла длабок здив“ што ја објавив во само 15 примероци; доколку се „одземат“ 5-те примероци што задолжително се доставуваат во НУБ „Климент Охридски“, се работи за 10!) Од друга страна, секоја објавена песна на социјалната мрежа Facebook (како сѐ друго постирано-секој статус, секој коментар) има „потенцијални“ најмалку 5.000 читатели! Имено, тоа е максималниот број дозволени „директни пријатели“ на профил- времеплов. „Индиректните“, односно пријатели на пријателите практично не можат да се избројат. Досегот на „виденост“, пак, на фановите на специјалните-специјализираните „страници“ без исклучок е многу, многу поголем.

Прочитај и за ... >>  БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

Во последно време се забележува сѐ поголемо „освестување“ на авторите, особено на поетите, па токму на социјалните мрежи веќе ги има во значителен број.

Нешто сосема лично во овој контекст:

Некому му боктисав со моите секојдневни објави на FB?

Можно е и искрено жалам поради тоа. Ама попрво жалам оти не можам да му помогнам, освен да му препорачам: секогаш кога ќе се соочи со нешто од мене објавено (истовремено на социјалната мрежа Facebook-на мојот профил, на моите творечки фан страници, како и на страници на некои „затворени групи“) или нека замижи или нека го прескокне, па нека продолжи да ги чита-следи оние кои сѐ уште не му боктисале. Последен „спас“ од мене му е да го исклучи компјутерот.

А не можам да му помогнам поинаку затоа што ни на крајот од умот не ми паѓа да престанам со објави, да подзапрам, скраја да е да замолчам односно да се „избришам“.

Јас, пријатели мои, создавам/творам буквално секој ден и секоја ноќ (се разбира, не цела, докај полноќ и малку по неа). Не знам за вас, ама мене толку посветено време ми е тамам. Вам, на кои сѐ уште не сум им боктисал, тоа ви е добро познато, ама може досега целосно не сте си претставиле што значи и колку значи.

Прочитај и за ... >>  БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

Значи ова и олку: една-две писателски белешки како оваа (не баш секој ден), еден расказ односно ескиза-скица (на пет-шест дена) како континуирано „богатење“ на збирка во настанување/оформување; едно продолжение на секои три-четири дена од мој роман во создавање; една песна на ден-два, пет двостишија (моја нова поетска форма). Некогаш се „случува“ да напишам и објавам приказ-рецензија-есеј за некое дело, по некој статус како реакција-коментар на актуелна состојба или настан и…толку! Многу? Малку? Што знам…За мене сосема доволно!

Молам? Нареденото е шокантно?! Јас сум најплодниот творец кај нас, па и на светот?! Ма, ајде, нема врска!…И да е така, му значи ли тоа некому нешто? Искрено, мене апсолутно ништо!

Ај и ова на крајот, многу важно во светот, но сѐ уште не кај нас:

Конкуренцијата на издавачите на пазарот на продажба на книги е нормална, неизбежна, а нивната битка за автори ја поттикнаа токму електронското издаваштво и Интернет. Па помеѓу издавачите и творците-писателите се потпишуваат едногодишни и повеќегодишни ексклузивни договори со кои се „врзуваат“ меѓу себе. Таа битка во развиениот свет неретко е мошне жестока. Кај нас ќе почне скоро.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here