Потребно време за читање: 3 минути

95. „Блиските извори“ на медиумите

Постојано слушам и читам за „блиски извори“ на информации. Тоа нагласување на одделни медиуми, особено на некои телевизии, му доаѓа како некаква предност во однос на другите (на кои „односните“ извори не им се блиски), а блискоста како некаков предуслов или гаранција на доверба.

Дури, се одбегнува и она „неофицијално дознаваме“ или изворите да се неофицијални (што му доаѓа на исто). Кога одговорните, а пред сѐ уредниците би знаеле некои нешта во врска со ова, имајќи ја предвид медиумската независност кај нас, не само што не би ги нагласувале, поточно не би се фалеле со „блиските извори“, туку би го одбегнувале нивното „официјализирање“.

Па, малку да им помогнам:

Во развиениот медиумски свет нагласувањето на „блискоста на изворите“ не значи ништо друго, освен една од следниве две работи (може и двете едновремено): медиумот во најмала рака е близок до одредена политичка или бизнис структура, што ќе рече е зависен од неа; медиумот шпекулира, манипулира, е несериозен во „сериозноста“.

Има и нешто како трето, а што всушност му припаѓа на првото или второто: професионалното новинарство налага, откако ќе се искористи „блискиот извор“, да се продолжи со истражувањето на „случајот“ (тоа се вика аналитичко новинарство), па дури во интерес на целосното расчистување (доколку не задира во други сфери, на пример заштитата и сл.) по извесно време тој-изворот да се објави, да се обелодени.

Прочитај и за ... >>  БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

Кога станува збор за медиумите кај нас, кои често, дури премногу нападно ги (зло)употребуваат своите „блиски извори“, добиеното-дознаеното од нив е најчесто шпекулација, манипулација, импровизација или едноставно измислица. За опасната страна (без наводници оти е навистина опасна) малку подолу.

Замислете ја несериозноста на „блискиот извор“ во Владата. Велам несериозност бидејќи ако во неа навистина има „блиски извори“ само за некои медиуми, најнапред премиерот треба да ја преиспита под итно работата на својот кабинет, па и сопствената. Тоа најнапред би значело дека портпаролите не си ја вршат својата улога или не ја вршат доволно професионално, односно „им лежи“ блискоста со одделни медиуми.

Она посериозното: Владата не работи транспарентно. А најсериозното: нејзиниот однос спрема медиумите е селективен.

Бидејќи ниедно од наведените не е прифатливо, останува констатацијата за несериозноста или квазисериозноста односно непрофесионалноста на „односниот“ медиум.

За најопасното:

На почетокот од текстов ја спомнав медиумската независност. Кога станува збор за неа треба да се има предвид дека е проблематична за целата меѓународна заедница, за ЕУ посебно. А постојано, во континуитет Македонија добива крајно негативни оценки за развојот на демократијата и слободата, имајќи ги предвид пред сѐ (не)зависноста на медиумите и новинарско-уредувачката професионалност. Ова е посебна тема за промисла и коментар. Во овој контекст само ќе кажам дека таквата оценка доаѓа, меѓу другото, и поради блискоста на медиумите до одделни „извори“, поточно зависноста од полит-бизнисменската олигархија.

Прочитај и за ... >>  БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

Дијалог помеѓу мене и независен посматрач на медиумскиот пазар:

-Има ли воопшто независни медиуми кај нас?

-Има! На пример, спортски радија, весници и списанија, музички, музичко-забавни, забавни, семејни…

-Во нив нема информации од „блиски извори“?

-Ма има, ама не се исполитизирани.

-Тоа сигурно?

-Не е баш сигурно, ама сепак е.

-Е немаш врска, бре брат! И тие што ги наброи не да се исполитизирани, ами од нив дење-ноќе излегува и се шири неподнослива политикантска реа.

-Чекај малку, не ги мешај нештата. Едно е исполитизираност, а сосема друго политикантство. Точно, исполитизиран ни е животов, живуркањево, во сѐ е замешана политиката, дури и сексот се користи за политичка манипулација. Ама политикантството е дневна „направија“, интригантство, сѐ за ситни, лични интереси.

-Ти се чудам, не можам да ти се изначудам! Која е целта на исполитизираноста? Политикантсвото е „невино“ во однос на слободата и независноста на медиумите? Ма ајде, ти се молам!

-Не ми се моли, туку слушни што ќе ти речам во врска со „блиските извори“. Ниту имало, ниту ќе има слободни и независни медиуми. И кај нас и во светот. Секаде каде што владее полит-бизнисменска олигархија, на која само интересот ѝ е и модус операнди и модус вивенди. Сѐ додека владее таа, ќе има извори „блиски“ на едни, а „далечни“ на други. На слободни и независни медиуми во вистинската смисла ниеден „извор“ не им е „близок“, та токму затоа „изворите“ од петни жили запињаат да им бидат што повеќе „блиски“. Бидејќи тоа никако не им успева или им ставаат секакви сопки сè до егзистенцијално урнисување или, пак, се мајтапат со нив, сметајќи ги за свои „најблиски“. Толку да знаеш!

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here