Потребно време за читање: 2 минути

91. Лично е, ама може и вака

Оние што го следат редовно и ревносно, знаат дека е тој творец-писател кого воопшто не го интересира кој што мисли за неговото творештво, за неговите досега објавени дела и оние што ги објавува тековно-создавајќи ги. Не само што не ги чита, не ги слуша, туку рамнодушно, игнорантски му се смешка на оној што пакосно или злонамерно ќе му пренесе нешто омаловажувачко, малициозно, потсмевачко, дегутантно. Исто или слично реагира и кога некој добронамерно, согласувачки и споделувачки ќе му пренесе некоја писмена или усна пофалба, признание, критичка согледба.

За многумина е особено необичен, можеби е поточно да се рече загадочен одговорот на едно банално, но кога е збор за такви како него најчесто неодминливо прашање:

-Зошто пишуваш и објавуваш толку многу и секој ден?

Одговара:

-Што знам…Секако од лична нужна потреба и задоволство…Можеби оти имам премногу свое време, а не знам како поинаку да го трошам…Зошто прашуваш?

Прочитај и за ... >>  БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

Веќе е во години, во пензија, па некако најсоодветен се наметнува делот од одговорот за трошењето на неговото време.

Но има нешто уште понеобично, поточно позагадочно за него како творец- писател, а што не се однесува дури ни на такви, како него ретки во светот: воопшто не го интересира дали во догледно време ќе биде објавено во печатена форма-како книга некое од неговите досега создадени дела или од оние врз кои сѐ уште работи! Како тоа?!

Така, едноставно: смета дека штом никој од издавачите не покажува интерес, тоа значи дека сите сметаат оти ќе немаат никаква добивка односно дека парите што ќе ги потрошат за издавање ќе бидат фрлени во ветер.

Во два наврата тоа и му се потврдило:

Пред многу години еден издавач му објави „дебела“ книга поезија како библиофилско издание во 99 примероци, откако тој му предложи да се избори во Министерството за култура за финансиска поддршка, а наместо авторски хонорар да му го предаде целиот тираж и со него да располага како што сака. Не продал ниеден примерок, а подарил само десетина. Му стојат во пакети во аглите на неговото работно сопче и напросто не знае што да им прави.

Прочитај и за ... >>  БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

Пред некоја година сам, со свои пари отпечати две дела во симболичен тираж од 15 и 50 примероци. Можеби неколку уште стојат и собираат прашина во витрините на неколку книжарници, а сите други ѝ прават друштво на „дебелата“.

Пред некој ден му се случи нешто што кај него предизвика иста реакција- рамнодушно смешкање и незаинтересираност. Што за многумина негови пријатели и познајници е неразбирливо оти е различно од сѐ друго досега. Се однесува на неговите романи.

Имено, еден познат книжевен критичар, кого и тој го респектира, без да образложува напиша на својата веб страница само две реченици, а кои предизвикаа, предупредија, испровоцираа многумина:

„Мислев дека долго ќе нема роман што би можел да ме изненади, ама ги прочитав неговите објавени на Интернет, и тврдам дека станува збор за врвни светски, ремек-дела! Со нетрпение чекам да ги видам испечатени како книги, па мојата одушевеност да ја споделам со вас“.

Го прочита тоа и му одговори во себе, насмевнувајќи се рамнодушно и незаинтересирано:

Прочитај и за ... >>  БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

„Ќе се изначекаш, пријателе. Можеби и нема да дочекаш“.

Проверив во меѓувреме: неговите романи на Интернет ги „прегледале“ неколку стотици „посетители“ и им се „допаднале“. Нивниот број постојано, катадневно се зголемува.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here