Потребно време за читање: 2 минути

64. Јас обичен смртник наместо Јас книжевник
за радоста поради објава на дело

Се радува ли творецот на завршувањето и објавата на свое дело? И тоа како! Како мало дете. И на завршувањето и на објавата?

Не знам за други, ама за Јас книжевник радувањето сега, кога е во години, му е како на мало дете. Можам да речам дека одамна не доживува радост поради објава. Од проста причина што не објавува во книжен формат, а негово последно „такво“ радување беше во далечната 1998. година.

Имено, баш како мало дете се радуваше кога по пошта од Охрид му дојде прототипскиот примерок на библиофилското издание на поетската студија „Генерика“. Му го испрати издавачот „Macedonia Prima“ на авторски преглед, уредување, корегирање и одобрување. Кога виде како е стокмено, на мнеговата радост навистина ѝ немаше крај. Сѐ како што договори со сопственикот на издавачката куќа Паско Кузман, само во „мек“ повез-без тврда корица и згора со интересно ликовно-графичко обликување-цртежи на Сашо Димоски. Сакам и треба да се знае дека издавачот доби финансиска поддршка од Министерството за култура на Република Македонија, а Јас книжевник му го „подари“ авторскиот хонорар на издавачот; за возврат, сите 99 примероци (нумерирани) да бидат негова сопственост, односно да не се дистрибуираат во продажната мрежа; беше исполнето и неговото барање книгата да се отпечати на најевтина хартија-по многу години разбрав дека е таа за производство на вреќи за цемент.) Едно затоа што објавува свое ново поетско дело по цели 18 години молк (буквално-без објава на макар една песна, макар еден стих), по поетската инсталација „Momentum“ во 1981 (издание на „Македонска книга“, Скопје), но многу повеќе оти станува збор за дотогаш најобемното поетско дело во македонската книжевност. Па уште кога по некој месец на наша домашна адреса пристигнаа 10-те пакети со сите примероци, со тврда црвена корица (поседувам такво издание на Библијата)…

Прочитај и за ... >>  БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

А радоста од објавените две негови дела потоа? Искрено, не се израдува којзнае колку иако имаше причини барем за „доста“: во 2015. година (значи пак по долг период без печатено дело-17 години) ги објави како самиздат стихозбирката „Безбели, на небо ветер фрла длабок здив“ во 15 примероци (всушност во 30 оти првите 15 беа отпечатени со сериозна грешка-„преобразени“, „преформатирани“ песни, па отпечати нови 15 „без грешка“) и првата книга „Афоризми и други јадровизми или Проблесоци во мислата“ (со наслов „Проблесоци во мислата“), со 1.000 промисли-домисли, согледби-стојалишта, умности-премудрости, што ја отпечати во 50 примероци. Не се израдува којзнае колку затоа што веќе го имаше затврдено својот став до крајот на животот, а и потоа да не објавува свое дело во книжен формат, туку само на Интернет и како електронско издание (со нагласка дека е македонски писател од Македонија). Остава мал „простор“ за објава на библиофилски изданија, оформени како уметнички, коавторски ликовно-графички дела (но никако не објавени во Република Северна Македонија).

Прочитај и за ... >>  БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

Треба да се има предвид и дека сметам оти на книгата (печатена) ѝ се избројани деновите, а ќе продолжи да живее токму како уметничко дело (во еден или неколку примероци-„целина“ на говор-писмо и ликовно-графички исказ, доисказ, продолжение на говорот-писмото). За што имам напишано/објавено неколку новинарски белешки.

Книжевник во години како Јас книжевник, големи радости си приредува со создавањето и создаденото. Некогаш со право му се препушта и на креативниот восхит. Со создавањето како континуиран, неретко секојдневен творечки ангажман, вклучително и пресоздавањето и досоздавањето (никогаш завршено односно секогаш отворено дело), а со создаденото како заокружено, оформено, можеби и завршено-на кое нема што ни да му додаде ни да му одземе.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here