Потребно време за читање: 2 минути

132. Прашање на кое одговарам радо:
Како настана песната „Нема ми либе да дојди“, во изведба на дуетот Селимова-Желчевски?

Со македонскиот писател и поет Петре М. Андреевски (1934-2006) сум бил само двапати: ден-два на поетска „мини турнеја“ низ Источна Македонија (со нас беше и поетот Чедо Јакимовски) и 5-6 минути на скали на меѓуспрат во МРТВ (!), каде што работевме-јас како новинар во Македонското радио, а тој како уредник во МТВ. „Решавачка“ за песната е втората „дружба“.

Имено, автор на музиката (и аранжманот) е композиторот на „новонародни“ песни, аранжер и музичар (кларинетист) Драги Митев. При една случајна средба во 1986. година тој ме замоли да напишам текст за негова песна (не знам дали веќе ја имаше компонирано музиката) оти разбрал дека сум поет(!). Дотогаш не сум се ни обидувал да го „правам“ тоа, но си реков „Ај да пробам“. И една вечер, буквално за неколку минути, но по претходно целодневно читање на македонска народна поезија, ја напишав „Нема ми либе да дојди“ (не „да дојде“, а како потенцирање на прилепскиот дијалект кој ми е во „коренот“; една од фонолошките каракеристики на прилепско-битолскиот дијалект е замената на буквата е на крајот со и).

Прочитај и за ... >>  БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

Наредниот ден му ја предадов на Драги Митев, а тој поради, како што подоцна ми „објасни“, свои дилеми во врска со „сложеноста“ на песната, го замолил Петрета М. Андреевски да ја „погледне“.

Нагласувам дека таа беше составена од 4 строфи и припев.

Неколку дена подоцна Митев ни „организираше“ средба буквално на спомнатите скали, која траеше само минута-две, а на која Петре ми рече дека песната е „одлична“, но „предолга за пеење“ и слободно можам да ги „откинам“ од неа вторите две строфи. Веднаш прифатив и…ги заборавив (сега некој да ме „отепа“ на нив не можам да се сетам, а никаде не се сочувани; евентуално во оставнината на Митев).

Потоа не покажував којзнае каков интерес што се случува, а Митев ја „направил“, ја снимил со Селимова-Желчевски и ме викна кај него дома да ја слушнам. Искрено, многу ми се допадна, а тој само ми нафрли дека со неа ќе „оди“ на фестивалот во Валандово „Фолк фест“.

Прочитај и за ... >>  БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

На него ја добив наградата за најдобар текст (една „дрвена“ плакета). Не ми беше исплатен ниту денар авторски хонорар, а ниту до ден-денес сум добил за неа „некоја пара“.

При еден настап на ТВ на Селимова-Желчевски, на прашањето кој е автор на текстот на песната, Желчевски промрморе: „Мислам еден новинар…се презива Димитров“ (не ми го изговори ниту точното презиме). Ама тоа не е важно. Песната е „обнародена“, односно многумина мислат дека е изворно-народна.

Инаку, јас сум автор на уште три „новонародни“ песни, од кои една е исто така „обнародена“, но исклучиво поради големината-должината на текстот и брзината (на што инсистираше композиторот-покојниот Миодраг Божиновски) се памети само рефренот: „Вено, Вено, Вено Невено, моме тенко, високо/ Вено, Вено, Вено Невено, моме убаво“. Ја изведува октетот „Куманово“.

Другите две песни се „Голем мерак“, во изведба на Селимова-Желчевски (ја има на Б страната на албумот со „носечката“ песна „Нема ми либе да дојди“), текст кој е прилично „разголен“ односно „поедноставен“ од страна на композиторот Д. Митев, а за што немам дадено „дозвола“, како и една песна за Скопје (композитор Д. Митев), што ја сними Серафина Фантаузо, а на која не ѝ го паметам ниту точниот наслов.

Прочитај и за ... >>  БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

Во меѓувреме имаше некои барања од пејачи и композитори да им напишам „нешто“, но поради моја „немарност“ ништо друго немам „направено“.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here