Потребно време за читање: < 1 минута

156. Монолог како дијалог

Чест разговор помеѓу Јас обичен смртник и Јас книжевник во промислувачки мигови:

Јас книжевник:

-Од ден на ден без никакво претчувство станувам сѐ порамнодушен спрема собитијата поврзани и неповрзани со мене. Освен спрема создавањето. Не спрема досега создаденото од мене.

Јас обичен смртник:

-Можам да го разберам тоа. Веќе си човек во години, на прагот на осмата деценија. Тоа значи дека си сѐ понемошен физички, можеби и со бавно или забрзано слабеење на творечката енергија. Ама судејќи според активизмот на социјалните мрежи, не би рекол дека си баш рамнодушен спрема собитијата. Неретко жестоко реагираш со проблесоци во мислата и со статуси.

Јас книжевник:

-Се порамнодушен сум спрема нив оти имам сѐ помалку можност и надеж. Но, пред сè сум сѐ понемошен да влијаам, да придвижувам, да менувам.

Јас обичен смртник:

-А што се однесува на создавањето и би рекол наспроти создаденото, мислам дека нема друго освен она што го стори на неколку наврати: отворено, искрено и чесно да констатираш дека ти значи сѐ помалку, дури ништо не ти значи тоа што си непризнаен и имаш колку за живуркање.

Прочитај и за ... >>  БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

Еве, Јас обичен смртник знам дека творештвото ти е многу обемно, грандиозно, а посакувам да ги завршиш сите дела што моментно наспоредно ги создаваш.

Јас книжевник:

-Доволно од тебе. Ти благодарам.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here