Потребно време за читање: 2 минути

40. Јас и политиката

Во изминатите години имам напишано и објавено на Интернет (мои веб сајтови и блог), на социјалната мрежа Facebook и на Twitter илјадници проблесоци во мислата, недоброј статуси, твитови и блогерски текстови. Не мал број од сите нив се на тн. актуелни политички теми, подолгорочни процеси, проблеми и прашања од нашата стварност, од нашето совремие.

Го потенцирам ова испровоциран од една „порака“ на „FB пријател“ со не мала доза на иронија и сарказам: дека во „последно време“ јас сум „една од највлијателните мислечки и творечки личности кај нас, пред сѐ врз политичките и општествените состојби и промени“. Добро е што ме „промовира“ во една од, а не највлијателна личност, зашто можеби ќе го „предизвикав“ на следниот чекор-пораката да ја објави како свој статус, па да предизвика „суштествена расправа“.

Јас и политика? Да, се согласувам дека таа е составка на животот. Меѓутоа, отсекогаш ми било дури дегутанто воспоставувањето на знак на равенство помеѓу животот и политиката (кога политиката е живот). А освен критички однос спрема неа како „случување“ (не мислам само на тн. дневна политика и политикантството), ништо друго од мене немало, ниту има. Најмалку каков годе политички, поточно партиски активизам (членство, приврзаност и сл.). Следствено, сметам дека е сосема в ред, дури би можел да си го припишам како своевиден успех доколку со таков однос сум влијаел или влијаам, можеби е попрецизно да кажам сум предизвикал или предизвикувам некакви конкретни промени и придвижувања напред.

Прочитај и за ... >>  БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

Сакам да предупредам на нешто многу важно поврзано токму со моето политичко и воопшто влијанието на мислечките и творечките личности (за каква што се сметам и себеси):

Во младоста и во зрелите години, кога мојот професионален новинарски ангажман (како радио новинар) беше доминантен, дури и со целосно „мирување“ на творечкиот/книжевниот, имав неколку можности (конкретни понуди) да се ангажирам партиски, дури и да формирам партија. Ги одбив или „пропаднаа“ совреме поради мојата слободоумност, можеби повеќе поради индивидуалноста и неприлагоденоста на заедничко дејствување со други, во „толпа“. (Да, сум имал многу „непријатности“ поради новинарска „неподобност“.)

Само ќе доречам во врска со темава на оваа белешка-за мојот политички ангажман и влијателноста:

Моиве залезни години, физичката кондиција и секако здравјето не ми дозволуваат политичка односно мобилизаторска „теренска активност“. А ако сум „една од највлијателните мислечки и творечки личности“ во политиката со проблесоци во мислата и статуси, тогаш искрено жалам дека нема да престанам. Можеби само ќе здивнувам одвреме-навреме.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here