Потребно време за читање: 3 минути

41. Прашање и мислење на Јас обичен смртник:
Политичарите се виновни за сѐ?

Една изјава, поточно поплак на млад и „перспективен“ политичар „од кариера“ (наводниците сугерираат сомнеж) заслужува внимание: „излегува“ оти за сѐ што се случило и се случува се виновни само политичарите, никој друг.

Од мене една „додавка“-прашање како пример: што е со вината на бизнисмените?

Најнапред, изјавата имплицира признание на вина. Тоа воопшто не изненадува, но загрижува што доаѓа од млад политичар. Ги ставам под големо прашање неговата перспектива и кариерата затоа што уште сега, како млад, се чувствува виновен или ја споделува вината со другите политичари (не, на пример, од неговата партија, туку со сите други).

Натаму, изјавата кажува дека многу нешта, можеби и сѐ (младиот политичар не е дециден односно определен) е криво, погрешно направено, но и криво се прави (сѐ уште), па кај него дошол моментот на осознавање, освестување, согледување на грешките. Ама вината за нив не ја чувствува само како своја.

Настрана поплакот односно „жалбениот тон“, можеби е најточно да се каже барањето таа-вината да се сподели со некои други. Најверојатно затоа што ја чувствува како претешка, преголема. Уште понастрана фактот дека чувството на вина, посредно проследено со одговорноста, оптимизмот и надежта, па и радост од „постигнатото“, едноставно не може да го има политичар кој никогаш не бил на позиција да прави и да греши, да владее, да биде дел од власта; на пример некој министер или барем близу до некој таков, сѐ до претседател на владејачка партија односно лидер или премиер. На крајот на краиштата, барем да биде со оние што владеат.

Прочитај и за ... >>  БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

Пред да се задржам на евентуалната вина на политичарите (на сите или на некои што се знаат, кои ни се добро познати), да се обидам да го „расчистам“ прашањето на вината на други, конкретно на од мене спомнатите бизнисмени.

Погрешно е кој било, а најмалку политичар за што било, па и за вината како таква во „еден кош“ да ги става сите бизнисмени, колку за пример. Од проста причина што тие се разликуваат помеѓу себе. Прво според успешноста, а потоа според способноста и адаптибилноста (кај нас последниов можеби и најважен бизнисменски „квалитет“). Партиската припадност или блискост не треба ни да ја спомнувам.

Значи, за сѐ што се случувало во блиското и подалечното минато, што ни се случува и, за жал, најверојатно уште многу долго ќе ни се случува, дел од вината сносат и некои бизнисмени. Кои? Мислам дека најсоодветно е да ги наречам успешно-неуспешните. Тие му доаѓаат како „нешто помеѓу“. Кои се? Мислам дека се добро познати, дури мислам дека ги знаеме сите: оние што се ептен успешни, врвни, „локомитиви на развојот“ во период на владеење на едни, но се покажуваат и како ептен неуспешни, вистинска катастрофа за бизнисот воопшто во периодот потоа, кога на власт ќе дојдат други, од „спротивната страна“; за компанијата што ја раководат конкретно, за работниците во неа најнепосредно. Гревовите на таквите успешно-неуспешни бизнисмени се навистина немерливи. Настрана фактот што поради таквата бизнисменска „надареност и докажаност“ се многу немирни дење-ноќе, а особено им фали спокоен сон.

Прочитај и за ... >>  БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

Е сега, се наметнува само по себе едно чудење:

Како тоа досега да не го наведам како пример народот или барем дел од граѓанството? Особено ако се има предвид фактот дека е напросто невозможно, дури неприродно тој да е невин. Намерно е или не?

Паметам еден политички пилиштарец кој во „даден миг“ за конкретно сторено-несторено нешто прво го обвини токму народот. Го прогласи како најголем виновник за сѐ како што ни е, а богами и за сѐ што ќе ни биде утре.

Да бев политичар, одамна народот или дел од граѓанството ќе го прогласев за единствен виновник. Бидејќи е, без оглед на обидот вината да им ја префрли на други. Ама бидејќи за жал не сум и, што е многу жално за некои мои пријатели, немам такви амбиции, ќе ја кажам неговата можеби најголема вина: во сиот овој изминат период на транзиција и демократија избирал млади, перспективни политичари „од кариера“, баш политички пилиштарци. Кои не чувствувале и не чувствуваат вина ниту за она за што се навистина виновни.

Прочитај и за ... >>  БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

Дали политичарите се виновни за сѐ?

Јас одговорам: делумно и не баш за сѐ. За сè е виновна политиката! Прашувате која, чија? Па, на политичарите!

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here