Потребно време за читање: 3 минути

7. Деловност

Разговарав со еден познат, во нашите полит-бизнис олигархиски редови мошне успешен деловен човек, прекуноќен бизнисмен. Се разбира, за неговите успеси, за неговата деловност, за неговото бизнисменување. Случајно и за друго наминав кај него; за да му пренесам, да го информирам, да го поднаучам каков е односот во развиениот западен и прозападен свет помеѓу големите медиуми и големите компании, а особено за тоа како се поставува и континуирано, без престан се реализира деловно-маркетиншка соработка помеѓу нив.

Сметав дека е тоа особено важно колку за мене, како чесен медиумски професионалец, но многу повеќе за него како снаодлив импровизалец. Дури на крајот успеав во два-три збора за тоа, иако сега сум сигурен дека не ги слушна или не ги дочу како што треба.

Бизнисменот:

-За мене се зборува дека сум еден од оние ретки успешни луѓе кај нас кои биле или се снаодливи, искористиле или искористуваат дадена ситуација, биле со овие во власта или се сè уште со оние од опозицијата. Демек, таквите се ретки, ама никогаш успешни. Сешто се зборува за мене, знам, ама не е точно. Нема врска. Ако сум еден од ретките, тогаш прво треба да се прашаме зошто се ретки таквите како мене, а потоа да одговориме што значи конкретно мојата успешност.

Прочитај и за ... >>  ШИЛО И ОСИЛО, Книга VIII: Скечуално, хумористично-сатирични скечеви

Јас се обидувам да му одговорам:

-Тие што зборуваат така за тебе не ќе е оти не знаат што зборуваат. Слушаат, читаат, гледаат што се прави и што не се прави со транзицијата и приватизацијата односно првобитнокапитализацијата кај нас; како се станува успешен преку ноќ, преку ден; дека сè зависи од политиката, од припадноста на овие или оние. Ти си за нив ретко успешен токму затоа што се малкумина како тебе, кои независно од тоа како почнале се покажале и се докажуваат дека знаат како треба да се продолжи во секое друго време.

Бизнисменот:

-Проблемот е во тоа што јас не знам како сум почнал. Мислам, не сум од оние што не биле ништо или биле нешто друго, па решиле да пресечат. Презеле радиклален чекор, ваков или онаков и, како што велиш, преку ноќ-наеднаш станале успешни. Ако зборуваме за кариерата, сум ја градел постапно, со знаење, постојано учење, надградба, способност, докажување. Сум почнал од машина и сè до ова што сум сега одело, се одвивало, се развивало некако природно. Никогаш не сум се наметнувал, не сум барал, не сум влегувал, не сум се вклучувал, ниту ми влегле, ниту сум дозволил да ме вклучат во некакви полит-бизнисменски игри.

Прочитај и за ... >>  ШИЛО И ОСИЛО, Книга VIII: Скечуално, хумористично-сатирични скечеви

Јас го пресекувам:

-Токму затоа си еден од ретките успешни кај нас. Да знаеш, луѓето те зборуваат и се чудат. Како досега како таков толку да успееш, а никој да не стои зад тебе или ти да стоиш пред некој. Дури не ти веруваат. Велат дека како таков досега сигурно ќе си пропаднел, ќе те однела матната. Оти имало граница на сè. Кога ќе дојдеш до неа или ќе платиш за премин царина, ти реков-ми рече, или назад. А тоа назад веќе ти станало претесно, те стега, како да ти ставаат јамка околу вратот…

Бизнисменот:

-Зошто да ми се чудат?! Не може да има такви како мене кај нас?

Јас се обидувам да му дообјаснам:

-Се наоѓа по некој, не дека нема, и тоа баш како тебе. Само…Знаеш ли каков е односот помеѓу големите медиуми и големите компании во развиениот свет, особено како се поставува и континуирано, без престан се реализира деловно-маркетиншка соработка помеѓу нив? Деловен, што ќе рече од обостран интерес. Не според нашиве: „на ти го-дај ми го“, „колку за мене-уште толку за тебе“, туку според еднаков, прецизно, до грам, до милиметар, до најситна пара пресметан интерес. И уште, деловноста помеѓу нив се покажува и докажува исклучиво врз рамноправна, меѓусебно почитувачка основа.

Прочитај и за ... >>  ШИЛО И ОСИЛО, Книга VIII: Скечуално, хумористично-сатирични скечеви

Бизнисменот: А има големи медиуми кај нас?

Јас се воздржувам да не излезам од тактот:

-А има големи компании? Твојата е таква? Медиумите не се компании?

Бизнисменот заклучува рамнодушно:

-Па, ако сметаш дека твојот е таков, ај да се договориме. Ама, да оставиме сè малку настрана. Прво кажи ми, меѓу нас ќе остане, да си бидеме на чисто: со кого си ти чесен, независен и слободен?

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here