Потребно време за читање: 3 минути

113. Белешка на Јас обичен смртник:
Ама не се чита, и тоа е!

Се знае, се гледа, се слуша, се чувствува дека малку читаме или веќе одамна не читаме ништо.

Се знае штом ќе отвориме уста, ќе почнеме каков годе муабет. Од со колку и со какви зборови се користиме узнаваме. Се гледа од она што ни е секој ден в раце или при раце, под раце, до раце. Сешто ни е, а малку или ништо за читање, што сме зеле за да прочитаме. Се слуша според кажаното и недокажаното. Малку од тоа мислено, промислено, домислено, а многу или речиси сѐ што ни паѓа мигум на ум. Па како такво, недоносено што се вели, не издржуваме да не го негираме, да се правдаме дека не сме разбрани, ни е извадено од контекстот. Или едноставно се правиме недоветни, дека не од нас, не е наше. Ептен е актуелно и она дека само магарето не си го менува мислењето.

Се чувствува дека не читаме при средби и разделби со ближни и сакани, со далечни и несакани, со случајни и намерни, кога разговараме и молчиме, кога се допираме и грубо се одбиваме. Едноставно, како да сме на исто ниво козјнае од кога, како одамна да не сме преминале на повисоко благодарение на читање. Ако, пак, сме, тоа е благодарение на што било друго. На пример на играње, забава, расправи и расправии, предни и задни намери, сокриени и одамна разоткриени цели, на баналности и минливости. Или, во најдобар случај, на занимавање со бизнис, политика или уметност.

Прочитај и за ... >>  БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

На нечитањето најмногу се жалат писателите? Па, како ќе се земе, ама тие секако најмногу. Има такви кои пишуваат во надеж дека кога-тогаш ќе им се прочита, ако не и да им се чита напишаното; кои најмногу се радуваат кога нивно дело ќе им го прочита само еден читател, но под услов да е книжевен критичар кој потенцијално ќе напише некој ред, можеби и есеј за него; такви кои воопшто не ги интересира дали напишаното-објавеното ќе им се прочита; но и такви кои смело велат дека не читаат затоа што пишуваат односно се писатели.

Знам за порано, не знам за сега, но претпоставувам дека е исто: нашите писатели водат постојани битки, од кои најмногу оние од типот „Јас тебе, ти мене“, макар со едно свое дело да влезат во лектирата на макар една година од основното или средното образование. Како на тој начин да си обезбедуваат бесмртност. Всушност, знаат дека таа-лектирата е задолжителна за учениците, што значи сакале-не сакале мораат да ја прочитаат, а тоа значи дека нешто нивно напишано секако ќе биде прочитано. Ама јас сум начул дека и тоа е веќе „релативизирано“: еден ќе прочита и на сите други ќе им напише или ќе им прераскаже; едно за да не губат време на читање, а друго оти се преоптоварени со принудно учење. Во овој контекст разбрав и нешто што би требало да ги замисли писателите: тие во последно време се трудат да напишат што пообемни дела, да објават што подебели, а оние малкумина, колку-толку читатели се ориентираат на мали, на што помали. Кои се читаат онака патем, на пример додека се возат со автобус или воз, додека ги возат нивни шофери во нивни автомобили.

Прочитај и за ... >>  БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

Читате на Интернет? Одлично! Вие сте не само модерни, во чекор со времето, интернетизирани, туку и многунадежни за писателите.

Неодамна еден новинар-почетник на една приватна телевизија правеше анкета со граѓани-случајни минувачи на тема „Дали читате?“ и си тераше подбишега со оние што одговараа потврдно-дека читаат понешто на Интернет односно на некоја од социјалните мрежи. Не ми беше јасно зошто и сѐ уште не ми е. Па, на Интернет и на Фејсбук, на пример, има-се објавуваат навистина вредни дела!

Едно тврдење ме изненади, сѐ уште сум во состојба на збунетост: и на специјализираните портали за книжевност на Интернет, на фан страниците на писатели и на страниците на „јавни“ и „затворени“ групи на Фејсбук едноставно „не се читаат“ долги текстови! Колку „долги“? Не подолги од седум- осум страници! Не ми е верно…Нејсе.

Ама не се чита, и тоа е! Па што? Кој чита-чита, а кој не чита негов проблем се проблемите како последица од нечитање.

Прочитај и за ... >>  БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

Всушност, прашањево за (не)читање многу повеќе се врзува за купувањето книги во печатен-книжен формат и повеќе се однесува на издавачите. (Еелктронското издаваштво во светот веќе го има приматот.) Издавачите објавуваат, печатат дела на големи и мали, познати и непознати домашни и странски писатели, а мака мачат да продадат понешто од нив. Дури и кога ги спуштаат цените на жално ниво-пониски од цената на една ролна обична тоалетна хартија. Несебично им помага Министерството за култура, со финансиска поддршка на издавачката дејност, ама мора да размислуваат бизнисменски, менаџерски. Како да си помогнат на себеси?

Еве пример за поттик:

Со цел да се врати културата на читање, жителите на францускиот град Гренобл, кои сакаат да го скратат времето на чекање на јавни места, имаат на располагање апарат кој исфрлува печатени раскази кои можат да ги читаат. Тие можат да ја избираат должината на расказот во зависност од должината на чекање. Така на пример, за три минути можат да изберат расказ отпечатен на хартија со димензии 8 x 60 сантиметри, а за пет минути да добијат приказна на двојно поголем формат.

Апаратите се поставени на истакнати јавни места, како на плоштади, пред книжарници, пред влезови на библиотеки и близу до постојки.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here