Потребно време за читање: < 1 минута

112. Домашната библиотека

Јас книжевник:

-Творечата енергија во писателот ја поттикнува постојаното и интензивно читање на посебни или секакви книги, на дела од творци во минатото и денес од една избрана, селектирана или од која било област. Лично не познавам писател кој не чита, а пишува/ создава, кој не поседува богата и обемна домашна библиотека. Нагласувам дека зборувам/пишувам за творечката енергија. На тн. љубители на книгата, познавам и такви со богата и обемна домашна библиотека, најчесто им се со специјализирана, стручна литература, пред сѐ непосредно врзана за професионалната ориентација.

Домашната библиотека на писателот е нужно разновидна или од сродни области. Во секој случај белетристичка, но и со дела кои непосредно или посредно му припомагаат во пишувањето/создавањето на своето книжевно творештво-филозофски, естетички, психолошки, лингвистички итн.

Пред да го чуе мислењеро на Јас обичен смртник, Јас книжевник додава:

-Мислам дека, за разлика од поетите, библиотеките на прозаистите се многу побогати со дела од области блиски на неговиот творечки интерес. Па и научни.

Прочитај и за ... >>  БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

Обичниот смртник, кој го придружува на секој чекор и пишува белешки за неговиот живот, за неговото блиско и далечно минато и за неговото творештво, забележува:

-Добро, сиве овие книги во твојава библиотека, велиш дека се повеќе од три илјади на број, си ги прочитал?!

Јас книжевник:

-О, секако не! Тамам работа. Мислам повеќе од половината. Некои воопшто не сум ги отворил. Ама секоја мора секогаш да ми биде при рака. Во последно време повеќе пишувам/создавам проза, романи и раскази, па најмногу ги читам и препрочитувам историските, филозофските и психолошките.

-Тоа ми е сосем разбирливо,-забележува Јас обичен смртник.

Полиците со книги се во ред и небрежно оставени над нив, како фрлени, расфрлани. Ги има безброј и на подот од собата, во сите нејзини агли, под прозорецот и на писателската маса.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here