Потребно време за читање: 2 минути

114. Документацијата

Нешто интересно, но многу повеќе „незгодно“ во врска со Јас книжевник и со моето книжевно творештво.

Искрено жалам што не би можел којзнае колку да му помогнам на оној што би се зафатил со потемелно проучување, со споредбени анализи, со документирање или „прецизна“ евиденција. Причина: не поседувам ништо од она што е напишано, испишано, констатирано, заклучено, промислено, оценето за кое било мое објавено дело (не само во печатен формат). Тоа значи дека би требало сам да ги „обезбеди“, да ги пронајде критичките, критичко-есеистичките текстови, па и студии што ги напишале, ги објавиле бројни видни македонски критичари и теоретичари на литературата. Единствено нешто со што би можел да помогнам се примероци на објавените дела. Поседувам по еден, два. три примероци од сите, а најмногу-60-тина од библиофилското издание на „Генерика“ (објавено во 99 нумерирани примероци).

Признавам дека сум прилично немарен, несистематичен, но и дека тоа-пишувањето на други за моето творештво многу, да не речам воопшто не ме интересирало и не ме интересира.

Прочитај и за ... >>  БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

За ова не би пишувал ако по објавата на стихозбирката „Посејдоново утро“ во 1983 година не се најдов баш во таква, „незгодна“ ситуација: еден критичар бараше од мене да му посочам кој сѐ пишувал за моите дотогаш објавени дела, каде се објавени нивните текстови. Не само за да ги консултира, туку и да ги поднесе (сосе делата) како аргумент за некакво признание (паметам кое, ама не е важно). Му наведов некои „по сеќавање“ и учтиво му се извинив оти за тоа ќе треба прилично да се потруди.

Познавам и знам многу наши и странски творци, не само писатели, кои имаат мошне прецизна документација на и за своето творештво. Која ја сметаат за мошне важна при лично „прикажување“, па и докажување.

Искрено, не ги разбирам. Како тоа да не се доволни објавените дела, сеедно во печатен или електронски формат односно на Интернет?

Признавам уште еднаш: пишувањето на други за моето творештво многу, да не речам воопшто не ме интересирало и не ме интересира.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here