Културна екологија

Потребно време за читање: 2 минути

Што е културна екологија?

Станува збор за културен систем кој дејствува како еколошки систем што треба да помогне да се одржи рамнотежа помеѓу интересите на јавноста и долгорочната одржливост на самата култура.

Еден од најпознатите заговорници на овој систем, како и на научната теорија на културната промена, е секако Џулиен Хејнс Стјуарт(Julian Haynes Steward, 1902-1972), американски антрополог.

Културната екологија го проучува односот помеѓу културата и средината, како и адаптацијата на општеството на средината во која живее. Со други зборови, таа проучува цел сплет на човечки интервенции кои создаваат ново културно милје (разни зелени површини и жив свет во нив, одделни насади како во однос на нови видови исто така и на нови единки или оние кои се прилагодени на нови услови на живот). Односот на човекот и средината се посматра низ вредности (или систем на културни модели) во физичката животна средина, општествената и потесно културната. Затоа што човекот непрестано дејствува и врз природната и врз културната средина.

Културен модел или примерок е збир на културни црти и карактеристики кои претставуваат извесна релативно заокружена целина, а со помош на кои се дејствува врз поединец или група за да примат одредено културно влијание. Целта е постигнување на заемна согласност, доследност, врски и одреденост помеѓу културните вредности кои влегуваат во системот на културната основа на некој поединец или општествена група.

Културните промени не мора да се остваруваат само во вид на прием, пренесување или делумна преработка на вредности, зашто во тој случај остануваме само на традиционалните вредности. Современото, прогресивното општествено движење подразбира и такви елементи кои во социологијата на културата се нарекуваат културни новини или иновации. Тоа се новосоздадени културни вредности врз основа на откритија или пронајдоци, а не врз база на мешање, позајмици или пренесување.

Културната екологија има големо значење за науката за животна средина. Тоа значење некои шематски го претставуваат вака:

Културна екологија+ Одржливи енергетски+ Индустриски и урбаниситички активности= Одржлив развој, одржлива економија.

Џулијан Х. Стјуарт e најмногу запаметен според неговиот метод и теорија на културната екологија, односно на „концептот и начинот“ на културната екологија, како и на поставувањето и теоретската елаборација на научната теорија за културната промена.

Неговата теорија за „мултилинеарност“ на културната еволуција го актуализира испитувањето на начинот на кој општествата се прилагодуваат на животната средина. Тоа исто така го наведе да ги испита процесите на нивната модернизација. Стјуарт е еден од првите антрополози што го испитувал начинот на кој националните и локалните нивоа во општеството се поврзани едни со други. Во прашање е можноста од создавање на општествена теорија која би ја опфаќала целата еволуција на човештвото.

Како одлучувачки фактори кои го одредуваат развојот на дадена култура тој ги посочува технологијата и економијата, а постојат и секундарни како што се политичките системи, идеологиите и религиите. Тие се потткинувачки за еволуцијата на дадено општество во повеќе правци во исто време.

Стјуарт најнапред се фокусира на екосистемите и физичката средина, но набрзо покажува интерес за тоа како овие средини би можеле да влијаат врз културите. На таа тема ги напишал веројатно најважните дела: „Културниот каузалитет и право: формирање и развој на раните цивилизации (1949)“, „Теорија и практика “(1950), „Нивоа на социокултурната интеграција “(1951), „Еволуција и процес“ (1953) и „Културни студии на современите општества: Порторико“ (1953).

Leave the first comment