Потребно време за читање: 2 минути

127. Пак за творечката енергија

Многу често, да не речам постојано во моето подалечно, поблиското минато и во сегашнинава оние што не ме познаваат доволно или штотуку ме запознаваат искажуваат зачуденост од мојата „огромна“ творечка енергија. Да се мисли и да се пишуваат разни книжевни дела-поезија, раскази, романи, сатира секојдневно, деноноќно и без каков било конкретен поттик односно добивка (најмалку финансиска); со години, со децении. Таа дури и „најнескротлива“ во годиниве од седмата деценија живот! Таквите искази неретко се поврзуваат и со конкретни објави, особено на мои големи и според структурата сложени поетски и прозни дела, како што се поетските студии и романи. И обично проследени со прашањата „ Како е можно, човеку?“ и „Да не претеруваш? Нели е исцрпувачки?“.

За творечката енергија сум пишувал често. Имам објавено повеќе проблесоци во мислата, а мислам дека сум напишал и песна за неа. Сега сосема накусо.

Некому може да му се чини нескромно, но мислам дека не треба да аргументирам оти мојата творечка енергија, откога почнав да пишувам/создавам книжевни дела и, се разбира, да се занимавам со професионално новинарство, е навистина огромна (без наводници). Притоа, многу ми е посоодветно да ја назначам како нескротлива. Да, во овие мои години дури исцрпувачка. Сум пишувал за неа и сигурно пак ќе пишувам. На пример како една од доблестите во мојот метафизички роман во создавање „Сонцева крв за љубови и доблести“.

Прочитај и за ... >>  БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

Како е можно? Искрено не знам. Некој ден или некоја ноќ подзапирам, земам здив, но никогаш со денови и ноќи. Ќе откријам нешто не како самофалба, а што може да биде дел од одговорот на прашањево:

Со години, со децении наспоредно читам дела на видни и помалку знајни странски и домашни творци. Подеднакво белетристички дела, критичко-есеистички, филозофски, историски, културолошки студии. Тоа можам да го потврдам и со мошне богатата разновидна домашна библиотека (неколку илјади книги), со која се гордеам.

Ми паѓа тешко оти видот не ми дозволува да читам како порано, секојдневно, деноноќно. Не можам и без некои лични задоволства кои ме релаксираат и смируваат. На пример, одгледувањето аронија, лешник и брзорастечкото дрво павловнија на мало парче земја околу семејниот дом.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here