Потребно време за читање: 3 минути

147. Пак Јас блогер во Јас обичен смртник.
Овојпат за медиокритетите

Што е тоа медиокритет? Дали за „современиот“ е доволно основното толкување на овој поим: осредност, осредна состојба, осредна способност, дело со осредна вредност, но и човек со осредна умна способност и вредност? Се разбира, тоа е суштинското, но во наши состојби и услови…

Според моето катадневно скромно искуство (следење и промислување-коментирање на политичките и сите други процеси и проблеми), ако останеме само на претходното-основното толкување, тогаш нашите медиокритети одамна се адаптирале, поточно се камуфлирале до непрепознавање. Пред сѐ со помош на свесното долгорочно одложување да се постави, да се втемели, а потоа и постојано, континуирано да се надградува систем на вредности. Кој, се разбира, ќе кореспондира со светскиот.

Некои наши „европеизатори“, од оние што си ја поставиле нашата (не и нивната) европеизација како една од заложбите поради кои се надеваат дека повторно ќе го заслужат нашиот глас на идните парламентарни избори, се залагаат за импелементација на некакви „европски“ вредности!

Прашање до нив: во што и со што тие се разликуваат од светските? На пример, дали не „минуваат“ бидејќи се пониски или повисоки од американските како дел од светските?

Прочитај и за ... >>  БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

Имајќи го предвид токму тоа, го поставив проблемот со нивното препознавање: кои се нашите осредни вредности и способности? Можете ли да посочите на некои, на пример, од политичката „елита“, со осредни умни способности? Што е осредност во нашиот живот, нашето работење и дејствување, во создаденото од сите нас? Кој тоа ни наметнува осредност, од кого прифаќаме и зошто?

Доколку се согласуваме дека во сиот досегашен транзициски, поточно криминално-коруптивно-полит-бизнисменски период дозволувавме и дозволуваме да ги „спуштат“ нашите критериуми за вредното и убавото, за квалитетот на животот воопшто, за да ја прифатиме нивната осредност (намерно не го користам терминот медиокритетство оти е тој многу „потежок“ од осредноста), тогаш кој кого може и треба да препознава: тие-медиокритетите нас или ние-„осреднетите“ нив? Кој против кого може и треба да се бори?

Во медиокритетско општество и во медиокритетска држава можат да живеат, поточно да преживуваат само медиокритети. Се надевам дека се согласувате со овој став. Па каде се оние другите? Нѐ напуштија во меѓувреме? Да? А што е со оние кои останаа помеѓу нас оти не биле во можност да нѐ напуштат или, пак, не сакале?

Прочитај и за ... >>  БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

Дали медиокритетството е „потешко“ од нашата од политичарите наметната осредност? Да, поради следнава разлика: првото е многу повеќе „динамичко“, второто пред сѐ и над сѐ „статичко“; првото „дава“, „наметнува“, агресивно се натура (со секакви средства, а особено со заплашување и послушност), а второто „прима“ со помал отпор сѐ до целосно предавање и сопствено непрепознавање. Медиокритетите создаваат осредни (па и умно) за во буквална смисла да можат да владеат со нив.

Не е проблемот дали медиокритетите се препознаваат помеѓу себе (мислам на политичките како „најактуелни“ и „најинтересни“), туку дали ние сме научиле или допрва (под итно) треба да научиме да ги откриваме помеѓу нас. Во овој политички и секаков друг „судбински“ миг тоа е една од нашите најтешки обврски пред нашево денес и нашето утре.

Но има една полесна и многу поитна задача за нас, а која, пак, може многу да ни помогне во таа борба против медиокритетите (се разбира, како „втора фаза“, односно откако ќе научиме да ги препознаваме; ако тоа не ни е цел, тогаш нема потреба да се трудиме): да ги научиме и најнапред на личен-индивидуален, а потоа и на групен-колективен план да ги прифатиме-усвоиме светските вредности, што ќе рече критериумите за нормално, реално вреднување на цивилизациските дострели.

Прочитај и за ... >>  БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

За нашиве медиокритети повеќе да не можат да ни продаваат ветер и магла, ниту да можат да ни се претставуваат како некаква политичко-бизнисменска или каква годе друга авангарда. Да научиме да ги препознаваме како ајвангардисти (македонски „превод“ на медиокритет: ајван).

Или „разложено“: да ги препознаваме ајваните во политичките гарди.

Да нема недоразбирање помеѓу нас: први на „дневниот ред“ ми се политичките медиокритети оти тие, за жал, во сѐ се сè уште први и последни.

Една многу едноставна препорака до сите вас, а која можеби ќе помогне во поттикнувачка-ангажирачка смисла: запознајте ги, научете ги светските вредности и според нив оценувајте, проценувајте, критички согледувајте, анализирајте, синтетизирајте.

Кога ќе дојде гласање на избори, подобро ќе биде воопшто да не гласате отколку да гласате за неоткриени, од вас непрепознаени медиокритети. Затоа што со гласањето за нив и вие се „изгласувате“ дека сте такви.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here