Потребно време за читање: 3 минути

148. Зад кулиси и меѓу редови

И двете отсекогаш биле, а особено во последно време се мошне користени и искористувани кај нас. Тоа еднакво може да се забележи кај позицијата-власта и кај опозицијата.

Во сиот досегашен приватизационен период кај нас политиката не била уметност на можното, мудрост на владеењето или реално барање на невозможното. Најмалку, пак, „соништа на големи мозоци“. Напротив, била и е најмногу, да не речам единствено на мали, минорни, дури ништожни зад кулиси и меѓу редови.

Кај нас политиката најмногу, најчесто, најпостојано била и е заткулисна игра, односно претстава зад кулиси, скриена од публиката. А пред кулисите, пак, се играла и се игра вешто режирана со глумци-„професионални аматери“. Се разбира, била и е и преткулисна, колку да се задоволи љубопитноста на политизираниот народот, а во име на демократијата, слободата, правото на лично мислење, изградба на систем на (не)вредности итн. Притоа, особено денес не се важни глумците-играчите, нивото на нивниот професионален аматеризам (овој мој термин ќе го објаснам подолу), туку самите кулиси: колку се тие цврсти, колку се квалитетни „изолатори“, па и тоа колку се „уметнички израз“ на претставата која има сѐ уште „краткорочен“ работен наслов „Ајде ред се редат“.

Прочитај и за ... >>  БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

Меѓу редови (мислам на читање на напишано кое нема потреба да се напише, поточно на разбирање и неразбирање во стилот „Ти пишува за други да не прочитаат“) е многу поголема политичка игра одошто заткулисната. Имено, бидејќи немаме којзнае колку писмени политичари за меѓу редови, особено во споредба со меѓународните, тие воопшто и не се трудат да дејствуваат „меѓуредовно“. На таквите воопшто не им е важно да бидат во постојана коалиција со народот односно со граѓаните. Напротив, одамна се однародени и оставени сами на бришан простор. Сакам да речам, се прочитани од А до Ш токму од него-од писмениот, мудриот и итриот народ, па не им вреди да пишуваат или да им пишуваат меѓу редови.

Кажав нешто ново, нешто што досега не ви беше познато? Не. Ама ништо не кажав за истовременоста на зад кулисите и меѓу редовите (сеедно дали во монолошка или дијалошка форма) на само еден сегмент од меѓународната политика-регионалното прекројување. Па, ај да си кажам.

Сѐ она што на овој план се најавува меѓу редови или излегува пред кулисите со сите сили и напори се настојува намерно, наивно и неписмено да се премолчи или пренасочи кон некоја друга заткулисна сцена, односно во некој друг текст меѓу редови. На пример, тоа-прекројувањето на регионот (Југоисточна Европа) се брани со потребата од негова наводна интеграција или со процес кој ги решава последните нерешени прашања на Балканот.

Прочитај и за ... >>  БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

Сѐ почесто „меѓународниот фактор“ заговара конференција за Балканот со единствена точка на дневниот ред-формирање „Балканска федерација“. И следат многу прашања директно и индиректно поврзани со таа идеја, но мене најпрво ми се наметнува следново:

Ако веќе очигледно нашиве политичари не ги бидува за политика како уметност на можното, мудрост на владеењето или реално барање на невозможното, како тоа никако да научат да читаат меѓу редови и да откриваат заткулисни игри? Да не е затоа што се во нив, пишани и (из)играни?

Сосема кусо за професионалниот аматеризам:

Нашите политичари можат да се споредат со нашите фудбалски професионалци. Тие се одамна докажани како такви-фудбалски дилетанти. Особено за играње со нозе, а не со глава, и за работа на теренот. Нашите политичари се во сѐ на исто со нив. Дури засега им се исти и дресовите.

Јас блогер во Јас обичен смртник го завршува своево промислување. Јас книжевник се обидува да се оддалечи од него, па му подвикнува:

Прочитај и за ... >>  БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

-Еј, зар не гледаш дека иде големо невреме, со силни грмотевици, молњи, порон дожд и ветришта од север и запад? Треба да се засолниме додека има уште време за нас.

Јас обичен смртник се чуди:

-Како не гледам?! Гледам, ама не му се плашам. Сум надминал многу како нив и уште сум жив. Да, треба да се засолниме, но е прашање каде. Знаеш?

Јас книжевник:

-Мислам дека е најдобро да се засолниме во некоја од пештерине на планинана пред нас.

Јас обичен смртник:

-Да, најдобро е. Само треба навреме да стасаме до нив. Белки знаеш дека тие се од борба на планинана токму против невреме како ова што иде.

Јас книжевник:

-Затоа е најдобро.

Се упатуваат кон планината со пештери пред нив, но со бавни чекори. Не ги забрзуваат, ниту помислуваат да се затрчаат. Како да им е сеедно дали ќе успеат или не да се засолнат навреме.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here