Потребно време за читање: 2 минути

164. За залудноста

И досега ми идела одвреме-навреме, но забележувам дека во последно време просто ми се наметнува за промислување. Знам дека е и директно и индиректно поврзана со севкупните состојби, со нашата живеачка, особено со навестувањата и перспективите, но некако не се чувствувам подготвен да се фатам во костец со неа за да ја надвладеам. Залудноста на секој план, во секој од нас и од секој.

Најпрвин, според мене е најблиска до амбицијата, акцијата, непомирливоста, отпорот односно личната борба. Како нивна спротивност, како нивен пораз. А како нејзина резултанта или последица неминовна е рамнодушноста.

Сега немам намера да елаборирам, есеизирам, иако би можел. Тоа не би ми претставувало некаков посебен труд и напор. Досега многупати сум се „допирал“ до неа, а некои „заклучоци“ можат да се најдат во мои поетски и прозни дела. Немам намера едно затоа што многу, да не речам сите аспекти се „обработени“ од големи умови и творци во минатото и денес, а друго дека таа е без исклучок поврзана со конкретни, актуелни процеси, состојби и проблеми.

Прочитај и за ... >>  БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

Сакам да кажам збор-два за неминовната резултанта или последица на залудноста-рамнодушноста. Се разбира, и јас не ја прифаќам, не ја признавам, секогаш и сега ѝ се опирам. Но, болно е сознанието дека од ден на ден станува доминантно кај народот. Така е?

Не е! Зашто ако е, ако се согласиме дека е така, тогаш тоа би значело дека станува збор за дефинитивен пораз, дека за него нема утрешнина. Па сè, каков било обид за будење, за раздвижување, за поттикнување е залуден. Тоа би значело дека таа-залудноста сосем го обессилила и е неминовно негово исчезнување. Да, близу е таа цел на ненародната, одродената, октроираната, платеничката, велепредавничката власт. Но, не прифаќам дека ја завршила „задачата“. Ниту народот ќе ѝ го дозволи тоа.

И доаѓам до „поентата“ на оваа белешка: залудноста и рамнодушноста се наметнати за побрзо и полесно постигнување на целта, според мене геостратешка. Исто како „Раздели, па владеј“. А будењето, амбицијата, акцијата, непомирливоста, отпорот односно личната борба ќе биде дотолку поголема и пожестока.

Прочитај и за ... >>  БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

На личен план, како книжевник, залудноста ја „врзувам“ за мојот творечки активизам-создавањето книжевни дела. Конкретно, таа, но и нејзината резултанта или последица-рамнодушноста со прашањето на кое не успевам да си одговорам: што со нив додека сум и кога нема да бидам?

Знам! И затоа моето упорито, деноноќно, мошне интензивно творење, едновремено и наспоредно пишување на десетина разновидни дела не е залудно! И затоа сум сосем рамнодушен што ќе биде со нив додека сум и кога ќе ме нема.

Не е залудно затоа што ја насочувам мојата нескротлива творечка енергија, воспоставувајќи рамноправен однос со неа; за да не ме потроши, да не ме „распрсне“. И затоа што сум сигурен дека нивната едновремена, континуирана објава на Интернетов ја проследува, ја чита, ја восприма, може и ја доживува барем еден љубител на книжевноста/читател.

Сосем сум рамнодушен дека делата што ги создавам најверојатно ќе останат долго (засекогаш?) во „Фиоката на Заборавот“, во која ги оставам откако ќе ги завршам. Без да бидат објавени во книжен формат. Не верувам дека и додека сум и кога нема да бидам ќе се најде издавач/ќе се најдат издавачи кои ќе ги објават сите, како собрани дела. Настрана тоа што сум оставил аманет наследникот/наследниците на заштитата на авторското право (ближен/ближни) да не го дозволат тоа без „соодветен“ односно „доволен“ авторски надомест (не за постојниот понижувачки, навредлив).

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here