Потребно време за читање: 2 минути

165. Расположбите

Јас како обичен смртник подолго време се наоѓам во мошне чудна состојба која предизвикува мигновени различни расположби: едновремено сум обичен смртник, книжевник и помеѓу нив биограф! А не сум, ниту можам да бидам една личност. Кои се различните расположби? Па, од незадоволство до радост, од возбуда до рамнодушност, од сомнеж до надеж.

Од незадоволство до радост сум почесто кога сум јас како обичен смртник. Конкретно, најголемо ми е незадоволството од живуркањето. Особено затоа што во зрелото доба имав големи јавни постигања, како професионален радио новинар, пред сè како радио водител, кои не ги искористив за да обезбедам завиден и професионален и општествен статус. А таа мошне успешна кариера, што ја „крунисав“ со функцијата Одговорен уредник на Втората програма на Македонското радио, ја „пресеков“ со прифаќање на понуда на еден стоматолог заедно да создадеме приватно радио. Кој за мошне кусо време се покажа и докажа како крадец, можам да кажам и мафијаш: за да оневозможи продолжување на работата на радиото по своето повлекување од ортаклукот ја украде сета студиска и преносна радио опрема! Со помош на блиски и пријатели успеав да ја обновам (со за мене големо финансиско задолжување), продолжив со најтесното семејство да го реализирам Евергрин Гром радио и буквално издржав цели десет години („придружено“ со огромни маркетиншки „игри“ и политички притисоци).

Прочитај и за ... >>  БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

Не, не се обвинувам себеси, напротив. Меѓутоа, факт е дека жртвував голема новинарско-уредничка кариера која секако ќе ми овозможеше солиден животен стандард.

Од возбуда до рамнодушност сум почесто кога сум Јас книжевник. Возбудата ми е од создавањето книжевни дела, како процес, како деноноќно „трошење“ на мојата нескротлива творечка енергија. Се разбира, и од досега создадените! А рамнодушноста дека немам никаква добивка, ниту некаков статус односно какво било признание за тоа. Напротив, сосем сум „заборавен“, премолчен, маргинализиран, непознат и дома и во странство, непризнаен творец.

Има една „оправдана причина“ (особено за интерес и валоризација од страна на критичката мисла кај нас): ниедно мое дело објавено во книжен/печатен формат не може да се најде во книжарница, а мислам дека тешко може да се „ископа“ во некоја библиотека (регистрирани и заборавени во депоата на националната „Климент Охридски“). Станува збор за 7 поетски и 1 прозно дело: поетските „Куќа што молчи” (1972), „Некогаш игра“ (1973), „Momentum“ (1981), „Посејдоново утро“ (1982), „Безбели, на небо ветер фрла длабок здив“ (2015), поетската студија „Генерика” (1998), краткиот роман „Марија и Јасен“ (1987) и првата книга „Проблесоци во мислата“ со 1.000 промисли-домисли, согледби-стојалишта, умности-премудрости (2015.) Патем, тиражите на „Генерика“, „Безбели…“ и „Проблесоци во мислата“ се кај мене и збираат прашина (освен десетина подарени и три-четири продадени примероци). Мојата рамнодушност „кулминира“ со објавувањето на Интернет на завршени стихозбирки, поетски студии, збирки раскази, романи, сатирични дела и збирки „Проблесоци во мислата“ (не како електронски киги), сите оставени во „Фиоката на Заборавот“ како ворд документи; без шанси да се објави во книжен/печатен формат макар едно од нив додека сум жив.

Прочитај и за ... >>  БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

Од сомнеж до надеж сум почесто кога сум јас како биограф помеѓу Јас како обичен смртник и Јас како книжевник. Најпрвин кога е збор за фактографијата, конкретно за некои важни или неважни нешта што се случиле во детството, младоста, во зрели години или се случуваат-сомнеж дали тие имаат некакво значење за „дејствието“, поточно за развојот на животот, за индивидуалниот опстој; надежта, пак, ми е дека биографијата е дело кое најсоодветно ја „раскажува“ вистинската животна приказна на личност што се изделува во средината со својата самосвест, својата слободоумност и својата самосвојност. Притоа, не се осмелувам да ставам знак на равенство помеѓу сомнежот и надежта, а со оглед дека не можам да ги пишувам до моментот на нивното згаснување.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here