Потребно време за читање: 2 минути

67. Творечкиот континуитет и објавата

За оној што не забележал: на крајот од некои мои дела стојат години „од -до“, односно периодот на создавање; времето што ми било потребно да ги оформам/заокружам до таа мера што да сметам дека можат да бидат објавени-издадени. И обично тој период, тоа време е прилично големо-деценија, две или повеќе.

Не знам дали е нужно „појаснување“, но еве:

Наведувањето на годините (или месеците, мошне ретко денот-деновите) на создавање на едно дело често погрешно се прифаќа како постојаност, секојдневна преокупираност со него, како творештво без здив. Неретко „навраќањето“ на едно веќе објавено дело се толкува како авторово незадоволство од него или како ново творечко преживување/доживување. А напротив, тоа е само потврда на континуитетот на создавањето; на ставот дека нема завршено дело, дури и откако творецот ќе „демисионира“ од книжевноста или ќе замине од овој свет. На ова треба да се додаде (не)задоволството во текстот (Р. Барт), па „дефиницијата“ на творечкиот континуитет (во наводници оти во суштина не е тоа) да биде целосна.

Прочитај и за ... >>  БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

Самосвест:

Без двојба, јас сум писател со најдолги периоди на создавање на своите дела, но едновремено и еден од ретките (не единствен) кој доследно и упорито се „држи“ до за многумина невозможна, неостварлива на себеси зададена задача: секојдневно создавање/пишување на едно или повеќе дела едновремено (поезија, раскази-ескизи, роман(и) во продолженија, проблесоци во мислата, афоризми, сатира, белешки, есеи, рецензии…).

Најконкретно:

Моето капитално поетско дело „Создател во изгревот и залезот“, најголема-најобемна поетска студија во македонската книжевност и пошироко (ако не и во светската), составено од 12 поетски студии за одделни „аспекти“ и „фази“ на создавањето на човекот, го создавав од 1971. до 2021. година. Во меѓувреме, во 1998. ја објавив нејзината „основа“ (и како автохтоно) под наслов „Генерика-Книга на изгревот и залезот“.

Романот „Лавиринт од слики“ го создавав од 1991. до 2016. година, а романот „Марија и Јасен во далечна близост“ од 1983. до 2015. (Во 1986. го објавив краткиот роман „Марија и Јасен“, што е автохтоно дело, но е и негова„основа“.) А едно од „најбрзо“ создадените мои дела е романот „Прокоба одродничка“, со работен наслов „Одроден“. Ми беа доволни „само“ 5 месеци.

Прочитај и за ... >>  БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

Кога станува збор за моето творештво/за моите дела, има еден голем, засега нерешлив, мошне „комплексен проблем“; за мене прилично жален, па и болен: нивната (не)објава. Причини има многу, а најголема е секако мојата несебична жртва за обезбедување на пристојна живеачка во дејност/професија на која ѝ дадов премногу, а ми „возврати“ со пензија за живуркање-новинарството.

Токму неконтинуираното објавување и големите периоди на „отсуство“ од книжевната сцена со печатено дело ме стави во мошне нелагодна, дури инфериорна позиција во однос на другите, особено на писателите од мојата генерација (според возраста).

Што се однесува на другите писатели, од мојата генерација, тие, сосема нормално, со континуирана објава на свои дела „стасаа“ до библиографија од 20-30, па и 50 дела (и се „закитија“ со сите мали и големи книжевни и други награди; тоа е друга тема).

Зошто нелагодна, инфериорна позиција, за мене прилично жален, па и болен „комплексен проблем“?

Затоа што е просто невозможно (ниту да помислам) до крајот на животот да ми бидат објавени во печатен формат 62 дела (плус некое новосоздадено во меѓувреме), што ќе ги „приклучам“ на досега објавените 8.

Прочитај и за ... >>  БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

Објава како самиздат (со сопствени финансии)? Па тоа веќе го сторив со две дела, а трошоците за издавање засега се „во ветер“.

Друга можност? Да, на Интернет (не како електронски книги; и тие чинат пари-спомнатото Министерство и нив ги поддржува финансиски). И тоа го правам многу години наназад, до ден-денешен. Се разбира, без никакви трошоци за „печатење“, без никаков авторски надомест, ама и без „официјална евиденција“ во мојата библиографија.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here