Потребно време за читање: 2 минути

137. Катадневното создавање

Нешто што сум го забележал кај луѓе во години, а можам да го посведочам со лично искуство (реализација). Може да претставува и една од кулминативните точки на ова мое дело за еден книжевник и обичен смртник како јас: катадневно создавање, неретко „конкретизирано“ со садење на секакви дрвја и овошки-нивно гледање, одгледување, негување, растење. Да, баш катадневно.

Мојата новинарска кариера заврши предвреме. Дури седум години морав како невработен да се јавувам во Заводот за вработување за да „дочекам“ (со финансиска „припомош“) да се пензионирам со пензија за нецелосно признаен работен стаж; значи, доволна за скромно живуркање. Бидејќи по 10-годишна жестока битка (лична и семејна), со политичка „заднина“, бев принуден да го напуштам радио-бизнисот (приватно радио), дури и да го жртвувам сопственото живеалиште (продавање сопствен стан за враќање долгови), се преселив во куќа стекната со мојата сопруга-наследство од нејзиниот татко. Околу неа и земјиште од околу декар ипол. Во неа со сопругата (обајцата пензионери) живеам сосем повлечен од „јавниот“ живот и целосно посветен на книжевното творештво.

Прочитај и за ... >>  БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

Моето „второ“ создавање: на малото парче земја околу куќата засадив 50-тина стебла лешници, стотина корени аронија, неколку овошки (јаболка, кајсии, цреша, дуња, вишни, сливи, калинка, бадеми, ореви) и околу 230 дрвја павловнија-брзорастечко чудесно дрво! Сето тоа на толку мало парче земја?! Да!

Најголем „проблем“ се павловниите. Не за мене, прилично научив за неа (има голем број текстови на Интернет), туку за оние што не го разбираат создавачкиот „процес“.

Имено, овие дрвја се садат на оддалеченост едни од други 3-4 метри во ред и меѓуредно, а јас, може да се претпостави, ги засадив на оддалеченост од само 1 метар. Веќе се пораснати, некои достигаат и 10-15 метри, па „оформија“ мала шума. Зошто толку „густо“?

Затоа што ги создадовме, ги „родивме“ јас и мојата сопруга од семиња, ги садев подолго време (па сега се со различна големина), и затоа што павловнијата највисоко се извишува во седмата година-може да достигне и до 18 метри; тогаш е најповолна за сечење и обработка.

Прочитај и за ... >>  БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

Се сече 10-тина сантиметри над земјата, па од трупецот израснуваат неколку стеблинки од кои се остава најјаката што ќе го обнови и пак ќе го извиши во следните 5-6 години. Така живее и се обновува до 70 години живот.

Кога скоро ќе почнам да ги „разредувам“ (сечење на секое второ и трето во ред секоја година), или ќе им „овозможам“ различно живеење и извишување или едноставно ќе ги откорнувам не дозволувајќи им да „оживеат“. Така додека сум жив. А потоа…

За што ќе ги користам? За огрев засега не, за некаква обработка до финален производ засега не. На каква било продажба засега не помислувам. Имам неколку замисли, но за тоа потоа.

Почнав да одгледувам и садници-на павловнии од корен (тие се најцврсти и „најсигурни“), на аронија, лешник…

Во врска со катадневното создавање „конкретизирано“ со садењето: сѐ она што посадив ми ја исполнува секидневноста со многу мигови на радост, па и среќа. Знам со часови да стојам пред моите павловнии, лешници, овошки и аронии. Да ги гледам, да го следам нивното зреење и возвишување. Да, и да ги милувам и да им зборувам за животот и соживувањето.

Прочитај и за ... >>  БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

Знам дека дрвјата и растенијата зборуваат меѓусебно, а им зборуваат и на луѓето обидувајќи се да ги слушнат и разберат. Јас ги слушам и ги разбирам. Разговараме за сè и сешто, а најмногу за спокојот на животот.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here