Потребно време за читање: 2 минути

211. Самоста и старечкото живуркање ми се најлесно подносливи како мислител и творец.

212. Народот македонски не му верува на никој од вас, властодршци и властољупци! Последна надеж му се оние што грмат од таму кај што се.

213. Ништо од нас, ниту со нас без критичко согледување и вреднување на нештата, собитијата, а особено перспективата.

214. Прашање со одговор:
Кој и што прави со натурена, мафијашка, предавничка и идиотска власт?

215. Ништо човечко во злобни и злосторни човечиња.

216. Единствен спас:
На чело на народот луѓе умни, учени, искусни, од чии сенки се плашат дибеците, платениците и сиот друг џган на власт.

217. Ми вели:
-Старче, гледај си ја староста.
Го прашувам:
-А зошто ти, младо момче, не си ја гледаш младоста, та дозволуваш да ти ја трујат со секакви отрови?

218. Сегде жаришта на дрога и собиралишта на нарко дилери! Млади, бранете се сами. Не одете таму!

Прочитај и за ... >>  АФОРИЗМИ И ДРУГИ ЈАДРОВИЗМИ, XIX, 271-300

219. Алчноста ќе те дотолчи оти сакаш сè да имаш отповеќе.

220. Сакаш да го слушнеш моето становиште? И јас сакам да го слушнам твоето.

221. Ти не работиш под притисок и уцена?! А зошто не работиш пред нив?

222. Добро бре партијци, зошто си дозволувате на ваши недоветни ем мафијашки челници да им слугувате?

223. Ајдеее, дури и борбата против криминалот и корупцијата ја направивте циркуска претстава!

224. Партиска будалаштина:
За позицијата крива е опозицијата дека не е позиција!

225. Да, моето грандиозно мислечко и книжевно творештво не се почитува во мојата земја, што значи дека е обезвреднето, омаловажено и целосно маргинализирано. Затоа со него не може да се случи друго, освен да исчезне набрзо по мојот замин во неврат. Како никогаш да не било создадено.

226. Ние да си продолжиме по наше и никој не ни може ништо.

227. Никому не му се докажувам зашто сум одамна докажан.

Прочитај и за ... >>  АФОРИЗМИ И ДРУГИ ЈАДРОВИЗМИ, XIX, 421-450

228. На мојата творечка самост не дозволувам никој ни да ѝ се доближи, а камо ли на каков било начин да ја загрози.

229. Секогаш и пред секого со лично достоинство.

230. Јас сум одамна на својот творечки врв!

231. Би прифатил моето грандиозно мислечко и книжевно творештво да му „припадне“ на друга литература и култура (не на македонската)? Радо! Кој разбира зошто-разбира.

232. Очаен пред старост, рамнодушен во неа.

233. Во безвредно време заборавот најбрз.

234. Некој од нас ќе си припомни дека на денешен ден пред многу години некаде сме биле заедно!?

235.-А бе ти си?!
-Не знам…Можеби сум бил.

236. Ме нема никаде?! А каде е тоа никаде?

237. Не се знае, ама властодршците и властољупците или не знаат или се прават наудрени.

238. Сè кај што и во што треба да бидам, а не сум-за мене не постои.

239. Хахаха!
Ми се јавија од Тунгузија! Прочитале за „неприпадноста“ на моето мислечко и книжевно творештво на македонската култура и литература, па радо би го прифатиле како дел од својата. Понудата ме стави во длабоко мислење!

Прочитај и за ... >>  АФОРИЗМИ И ДРУГИ ЈАДРОВИЗМИ, XIX, 181-210

240. Саде од Америте зависи дал` ќе има или не вонредни парламентарни избори во Северџганијава!? Така е зашто натурена не решава. Таа слугува и извршува.