АФОРИЗМИ И ДРУГИ ЈАДРОВИЗМИ, XIX, 691-720

Потребно време за читање: 3 минути

691. Стар бел дедо им порачува на младите:
Учете без престан, дури сте живи. За да не станете ем неуки ем глупави политиканти.

692. Нема македонска нација, а има македонски народ. Како што нема бугарски народ, а има бугарска нација.

693. Прифатив помирливо:
Ќе живеам до смрт со нескротлива творечка енергија во мене.

694. Да сме начисто:
Секој државјанин на Македонска република кој е против унитарна Македонија (со народ и малцинства), значи дека е за федерална/конфедерална Северџганска калакурница!

695. Нација е неоколонијалистичка измислица на 19. век. Денес таа е наци-фашистичка „алатка“ за остварување на територијално-асимилаторски аспирации спрема народ и негова земја од искони.

696. Меѓу медиокритети:
„Јас сум гениј!“, извика еден гениј и сите се изнасмеаја.

697. Во Уставот на Северџганска калакурница нема малцинство, а наместо тоа како „еуфемизам“ е измислен идиотизмот „дел од народ“.

698. Доста лицемерие! Нужно е да одговорат партијците на СДСМ јасно и гласно:
Дали сте за унитарна или за бинационална/федерална/конфедерална/кантонална Македонија?

699. Можеби за појасно:
Постои американска нација, но не американски народ. (За погрешно именуваните Индијанци, односно народите на американскиот континент е измислен идиотскиот термин „домородни Американци“!)
Постои руски народ (и малцинства), но не руска нација.

700. Нема ни држава ни општество со лицемерни политикантски лигуши, шутраци, дибеци и измеќари на власт.

701. Наароде македонски, скоро ќе се најдеш во најдраматични искушенија откога постоиш. Подготвен си или си веќе предаден!?

702. Пред последен избор или неминовен крај:
Или Устав на држава на народ и малцинства или Устав на држава на нација (без малцинства).

703. Неминовно ќе ни се дослучи она што ни се случува одамна?

704. Времето за нас стои како веќе да поминало.

705. Му боктисавте на народот, а уште аздисувате.

706. Големата слика е црно-бела со сивило среде.

707. Не работи за народ оној што слугува и коленичи пред туѓински безогледен силник.

708. Никогаш ниту имало, ниту може да има граѓанска држава. Имало, има и ќе има граѓанско општество.

709. До едни сограѓани:
Етникум или етничка заедница (народ, народност, националност) е група на луѓе со заеднички особини, јазик, култура, традиција, историја, која живее на свое парче земја од искони или на заедничко со други.

710. Нема, ниту може да има доминација на еден етникум над друг(и), освен кога станува збор за нивната бројност (во статистиката „резидентно население“). Особено не во државно демократско устројство (со народ и малцинства или со нација).

711. Неколкупати имам нагласено дека уставната категорија во македонскиот Устав „дел од народ“ е идиотштина (моронштина) која мора веднаш да се избрише. (Според мои информации, ја измислила една недоветна/недоквакана СДСМ-овка.)
Еве зошто:
Секој поединец во една држава е припадник на народ. Тоа значи дека и да станува збор само за едедн припадник на кој било народ во светот, тој народ би морал да биде впишан во Уставот како „дел од народ“!
Кога би се „мислело“ на „дел од соседски народ“, тоа би значело дека станува збор не за унитарна, туку за федерална или конфедерална држава!

712. -Навистина немаш добиено баш никакво признание за твоето грандиозно мислечко и книжевно творештво?
-Баш никакво. А зошто ми е на овие старечки години?!

713. Соработувајќи со корумпираната и криминогена власт на ДУИ и СДСМ, САД во голема мера го имаат изгубено и постојано го губат кредибилитетот кај македонскиот народ!

714. Хахаха!
Скришно многумина го „посетуваат“ мојот FB профил, што значи дека моите статуси и дела се многу читани на Интернетов? Ама скришно просто не може!

715. Староста е само последно доба на животот. Тешка и лесна, грда и убава, како другите. Сè поблиска до смртта.

716. Просто е невозможно да се вкорениш во туѓа земја, ако не си свој и со свое време.

717. Со годините и сè подолго во молк, тишина и празнотија.

718. Мене ми се глупави еуфемизмите. Најмногу се за меѓусебно глупирање на луѓето.

719. Безумно, безогледно, безобразно крадење на народ до негово конечно уништување.

720. Не слушаш мудар и зналец, па му слугуваш на туѓин покорно.