Потребно време за читање: 2 минути

181. Стар бел дедо жаловно:
Паѓаме во бездна и се надеваме дека ќе паднеме на дно!

182. Кај нас нема ниеден бизнисмен кој со бизнисот значи нешто во бизнисменскиот свет, ама има корумпирани политиканти со големо милионерско богатство.

183. Најмалку учени и умни политичари во политичките партии!

184. Најжално е што во народот сè повеќе на број се оние што веќе не веруваат дека татковината има свое денес со утре.

185. Има залудна љубов?!

186. Предводник што ќе го сплоти народот? Ма каков предводник?! Семејство нема кој да сплоти, а камо ли народ!

187. Нова политичка партија само поради личен-кариерен интерес и лично богатење. Иста како сите постојни „султан партии“.

188. Зошто Америте не го објават списокот на оние во Северџганијава на кои им ги дале-поделиле-подариле милионите долари за „борба против руското влијание“?! Да не се плашат оти ќе им наштетат?

189. Од забегана власт не се бега. Треба преку ноќ да се затвори во зандани и сè да ѝ се одземе!

Прочитај и за ... >>  АФОРИЗМИ И ДРУГИ ЈАДРОВИЗМИ, XIX, 91-120

190.-Каде на испраќање на оваа година и пречек на новата?
-Зависи кого зошто прашуваш.

191. Рејтингот на трите власти, на партиите и нивните лидери, на медиумите и новинарите, и на „стратешките партнери“ во Северџганијава е катастрофален! А на народот и малцинствата?!

192. Батали политика. Фати се за корупција!

193. Стварно ни е преку глава од корупцијава. Дајте нешто некорумпирано!

194. Почнува или продолжува да се разгорува Првата светска хибридна војна?!

195. Ништо ново. Идат денови за нас потешки од досегашните!

196. Подобро утре во бестрага!?

197. Глас од глувчешка дупка:
„Залудно ме барате. Нема да ме најдете. Ви избегав. Успеав да ме снема. Исчезнав“.

198. Нескротливата животворна енергија е од извор на нависок мисловно-творечки врв во човекот.

199. Дали верувам во подобро утре? Не знам. Навистина би сакал.

200. Огнот во запустено огниште гасне зашто нема кому да му ги топли срцето и душата.

201. Ми го почитуваш делото? Докажи.

Прочитај и за ... >>  АФОРИЗМИ И ДРУГИ ЈАДРОВИЗМИ, XIX, 331-360

202. Нема да го научиш она што не го знаеш, ако не те интересира.

203. Клопчето што почнаа да го одмотуваат „стратешките партнери“ има многу јазли.

204. Во самотија уште жив и животворен!

205. Не пропаѓа државава. Пропадната е! Во тек е уништување на нејзините остатоци!

206. Уште не ни е доста од глупирањево на мафијашкава натурена власт?!

207. Неспорно е дека светот се менува; геостратешки радикално, па и драматично (мултиполарност). Суштински, разграничувајќи ги државите и општествата на народи и на нации.

208. Незнаен, маргинален, безначаен во свет на дребнавости и секидневности.

209. Создавањето мислечко или книжевно дело за мене е пред сè едновремено напор и задоволство. Особено кога создавам големо и сложено.

210. Ретко го спомнувам моето обемно и разновидно радиофонско творештво? Можеби најмногу зашто е одамна завршено, а останало што останало на „носач на звук“.