Потребно време за читање: 2 минути

721. Ти напред, јас по тебе? Ако ни е целта заедничка, можам рамо до рамо со тебе.

722. Ме здравее твојата љубов, љубима.

723. Не разбирам што имаме заедничко во минатото и денес со Англија, па англискиот јазик практично го прифативме како трет официјален?!

724. Обврска е и коректност да се почитува:
Не дозволувам со мое дело да бидам застапен во антологиски и каков било друг избор на современо македонско мислечко и книжевно творештво.

725. Политизација, партизација-неписмени и полуписмени лигуши и измеќари на власт, а беда, а ништење на испокраден народ.

726. Народ со здрав разум трпи мафија на власт со болен ум.

727. Партијата „Црвени елеци“ рамо до рамо со Северномакедонците тргна кон светла мафијашка иднина.

728. Зошто мимикрија, сограѓани албански политичари?
Зошто јасно и гласно не кажете дека барањето албанскиот јазик да стане втор официјален во Северџганска калакурница е всушност барање за бинационална-федерална/конфедерална/ кантонална држава? Бидејќи „сега му е мајката“?

Прочитај и за ... >>  АФОРИЗМИ И ДРУГИ ЈАДРОВИЗМИ, XIX, 451-480

729. За промислување:
Малцинства односно „делови од соседски народи“ во држава со народ не можат да создадат нација. Затоа што тој народ има исто така свои малцинства односно „делови“ кај соседските народи.

730. Голем творец создава живо дело кое ќе го надживее.

731. Мисли што ќе биде додека не е. За да не биде предоцна ако биде.

732. Што значи кратенката NMK на новите регистарски таблички на северномакедонските автомобили? Во „оваа држава“ официјален јазик е сè уште само македонскиот со кирилично писмо. Според тоа, доколку кратенката значи Северна Македонија, тогаш таа треба да е СМК!
(Истото се однесува и на кратенките на нив за градовите!)

733. Круцијално!
Според Уставот на С.М., официјален јазик и писмо во Северна Македонија се сè уште само македонскиот и кириличното. Следствено, Преспанскиот договор е ништовен бидејќи се однесува на Грција и држава која не постои! Која е таа држава „North Macedonia“?! Република Македонија самоволно ја прекрстија во „Северна Македонија“ Заев и неговата „компанија“!

Прочитај и за ... >>  АФОРИЗМИ И ДРУГИ ЈАДРОВИЗМИ, XIX, 361-390

734. „Сјаши Курта да узјаши Мурта“ е странски идиом. Македонскиот би можел да гласи: „Тасе, па Спасе, та преку Тасе“.
Идиомите не се преведуваат!

735. Научете за да не се глупирате:
Народ и нација не се исто, ниту малцинство и дел од народ. А не се, ниту можат да бидат еуфемизми!

736. Безобразен властодржец без образ.

737. Стар бел дедо:
Народе, ќе им дозволиш ли да ја исполнат докрај зададената задача?!

738. До амбасадорите на стратешките партнери на Северџганска калакурница:
Кловновска ви е поддршката на забеганиве мафијаши на власт.

739. Лажењето им е главна карактерна особина на политички дилетанти и политикантски никаквеци.

740. Никогаш ништо не е готово дури не биде конечно готово.

741. Неспорно:
Јас сум дребнав старец и личност со најголемо и најразновидно, а непризнаено мислечко и книжевно творештво на светот!

742. Еден мафијаш на власт:
„Да крадеме дури има уште за крадење. Ние сме власт и никој не ни може ништо“.

Прочитај и за ... >>  АФОРИЗМИ И ДРУГИ ЈАДРОВИЗМИ, XIX, 481-510

743. Ни солат памет безумни и тапоумни!

744. „-Се живурка некако.
-Како?
-Ма никако!“

745. Ништо добро не ни е пишано со властодршци на кои им диктираат „стратешки партнери“.

746. И така, ту полека ту забрзано стасавме на раскрсница од која сите патишта водат во беспатје.

747. Вештачката интелигенција многу скоро ќе ја порази човечката и ќе завладее со неа. Може да ја спаси само креативниот дух.

748. Крајно време е истовремено да мислиш, да дејствуваш и да твориш.

749. Ако се фатевме на орото, сега заедно и оро ќе игравме и песна ќе пеевме.

750. Засега воопшто не ме засега дека за некои не сум сега.