АФОРИЗМИ И ДРУГИ ЈАДРОВИЗМИ, XIX, 661-690

Потребно време за читање: 2 минути

661. Ни тешко нам со други исти како вас.

662. Здраво општество-права држава.

663. Два судрени света: едниот на неуки, простаци, неранимајковци и растурикуќи, другиот на учени, умни, опитни и делотворни.

664. Кој не прашува, или ништо не знае или мисли дека знаењето му е доста.

665. Љубов што гасне:
Жалам дека јас и ти веќе немаме време за наше време.

666. Лошо и слабо образование поради лош и слаб образовен систем. Кој, пак, е последица на немање образовна политика.

667. Натурена власт, не избрана од народот, по дифолт е автократска, зависна, слугинска и мафијашка.

668. Тресе зелени зашто ниту знае, ниту разбира, а го слушаат и му се послушни исти како него.

669. Бегаат од чесни, умни, учени и опитни оти не им можат ништо.

670. Малцинство од народ може да стане само по разнебитување на народ, целосен грабеж на негова држава и злосторничко владеење.

671. Суштествено прашање за нашиот опстанок:
Знаеме ли да препознаваме вредности, да живееме со нив и да ги почитуваме нивните творци?

672. Ми игра срцево своја игра за тебе, убост моја.

673. Без такт:
Мамето ваше идиотско, ѓубриња и багро на власт во Северџганска калакурница!

674. Веќе не сме живи за далечен род со семе за во родна земја.

675. Пропаѓаш како човек, та е сеедно до кога живи или скоро мртов.

676. Во мрачнина будни луѓе, а премалени, а човечни, а достоинствени.

677. Морате докрај оти веќе немате каде.

678. Го мериш времето со часовникот на твојот живот, а тој одамна не работи.

679. Стар бел дедо:
Од ден на ден сè полошо, а ништо добро за однапред.

680. И јас сам и ти сама. Негде во нигде.

681. Да, сè е како што е и не можеш ништо. Ама за тебе нема утре.

682. Или знаеш или научи да разликуваш: унитарна од федерална/конфедерална држава, нација од днарод и малцинство, како и дел од народ.

683. Процентуалната застапеност на малцински етникум не „прави“ од него народ. Особено кога пописот не е веродостоен.

684. Конечно мора да се отворат картите: кој е, а кој не е за унитарна Македонија?
Каква држава скроиле оние на кои им слугувате?

685. Зарем „широка“ и „експертска“ расправа за унитарна или федерална/конфедерална Македонија?!

686. Мир и спокој по бурно време или пустош.

687. А бре дибеци ниедни, зарем до толку не разбирате што е државјанство, а што припадност на нација?!

688. Знаењето мора што поскоро да го порази волунтаризмот. Најпрвин политичкиот.

689. На голема мислечка и книжевна личност во години не може да му се залепат етикети.

690. Не, воопшто не е тешко да се научи разликата помеѓу држава на народ и малцинства и држава на нација. И помеѓу држава и општество.