Потребно време за читање: 3 минути

64. Дома

Гушкања, бакнежи, поскокнувања од радост и возбуда. Конечно сите заедно, дома. Не мина многу време на раздалеченост и разделба, беа постојано, деноноќно во контакт, се слушаа и се гледаа преку Интернет, но сепак. Никогаш не биле едни без други. Ни Бисера и Пламен, ни Ѕвездана и Апостол без нив или без еден од нив, а ниту Славка без сите заедно.

Излегоа од аеродромот, влегоа во автомобилот и за сето време на возење до дома никој не прозборе збор. Само се погледнуваа насмевнати, а ако некој отвореше уста другите му покажуваа со прстите на уста да молчи. Ќе зборуваат, има да се изнаприкажат кога ќе стасаат во Габерија.

Бисера пред влезот во раскошното, може да се рече и луксузно живевалиште:

-Конечно дома! Како да ме немало којзнае од кога…Доме мој! Ништо не можеш да промениш во тебе без мене.

Апостол:

-Не може без кој било од нас!…Домашното огниште е едно и никаде не може да биде друго.

Собрани во дневната соба. Денот е  при крај.

Бисера:

Прочитај и за ... >>  СРЦЕВИНИ НА САМОТНИ СОПАТНИЦИ, роман, 71

-Колку промени откога станавме самотни сопатници, само за неполна година…Јас мислам дека не беше и не е залудно. Никако непотребно.

Пламен:

-Од твоја гледна точка да, но од моја, а мислам и според Ѕвездана и Апостол апсолутно не. Да, не мислам само на себеси, на мојата неуспешна „бизнисменска авантура“ во Бирмингем, туку и на „самостојноста“ на нашите деца…Баш во нивни години кога сме им најпотребни…Не случајно ги нареков бизнисменски авантури.

Бисера малку нервозно:

-Ти како мене да ми префрлуваш нешто?

Реагира Ѕвездана:

-Мамо, тато не ти префрлува. И тој и јас и Апостол мислиме дека не ти, туку ние заедно направивме грешка. Неспорна е сечија лична амбиција, не смее да се попречува ничиј кариерен напредок зашто е мошне важен и индивидуално и колективно. Важи и за нас, семејно, но требаше многу потемелно да размислиме што значи тоа причинско-последично за семејната живеачка. Ни недостасуваш…

Бисера кон Ѕвездана; веќе не се воздржува, нервозно го повишува гласот:

-Значи, вие сте решиле, па мене ми преостанува да „расчистам“ со Монтреал и да се вратам, па да продолжиме по „старо“. Како што тоа го стори Пламен без да размислиме заедно, макар само јас и тој…

Прочитај и за ... >>  СРЦЕВИНИ НА САМОТНИ СОПАТНИЦИ, роман

Се вмешува Апостол:

-Полека мамо! Само што дојде, само што се собравме во нашево живеалиште, а ти реагираш…

Бисера го пресекува во збор:

-Нервозно нели?…Добро, сега да престанеме на оваа тема. Имаме денови…Пламен, што е со твојот проект за карпестата населба? Нешто ми кажа, нешто знам и мислам дека е голем предизвик и за тебе и за сите нас.

Пламен:

-Работите се одвиваат мошне добро. Веќе те информирав дека со мојот колега Андреј Воденски го формиравме проектанското биро „Перспектива“. Веќе работиме „на големо“ и набрзо ќе станеме градежна компанија. Купивме и градежно земјиште на Северната планина, на која ќе градиме. Го надградивме со синергичка живеачка, за заеднички семеен живот, на предлог на Светлана Адамова…

Бисера:

-Да, ми раскажа за него…нешто и за неа…Тоа значи дека за тебе нема мрдање од Скопје, од Македонија?

Пламен:

-И значи и не значи…Се договоривме сега да не продолжиме на таа тема. Можеме утре цел ден. Ти штотуку допатува, штотуку се собравме, пак сме заедно…

Прочитај и за ... >>  СРЦЕВИНИ НА САМОТНИ СОПАТНИЦИ, роман

Бисера замолче. Се обиде да си го поврати расположението. Стана:

-Јас ќе подготвам нешто за вечера. Сакај некој нешто посебно?

Славка, застаната пред вратата на кујната, со рака и широка насмевка ѝ дава знак дека е таа на ред:

-Јас веќе подготвив. Свечена вечера за семејново собирање…Трпезариската маса е наместена, па повелете на своите места.

Бисера:

-В ред…Нормално…Едно од твоите задолженија, моја братучетке…Друштво, можете да замислите колку сум среќна што сме пак заедно? Апостол, најди музика на Youtube, па да заиграме едно танго…Господине Пламен, белки нема да ѝ ја одбиете поканата на Вашата сопруга…

Пламен станува, насмеано ѝ се поклонува и ја прифаќа. Ја привлекува кон себе, ја прегрнува и ја бакнува. Во играта им се придружуваат и Апостол и Ѕвездана. Славка танцува сама меѓу нив нудејќи им на послужавник чаши со шампанско и коктел со лимон и боровинки.

Пред полноќ заминаа секој во својата соба. Пламен и Бисера се препуштија на возбудлива предигра, со страсни бакнежи и допирања, а потоа на огнен секс со заеднички оргазам.