Потребно време за читање: 2 минути

74. Невремиња

Важно забележување на Пламен на состојби кои според него имаат далекусежни последици: во последниве децении секаде во светот се случуваат едни по други разни, секакви невремиња. И тоа сè поненадејно, сè позабрзано, со сè помал, постеснет простор за времиња кои се суштествени за битисувањето на човекот. Еднакво во светот и во Македонија. Тоа не се однесува само на оние  невремиња предизвикани со климатските промени, посебно на „програмираните“ со сè посовршена и сè поагресивна технологија, туку и на невремињата во човекот; кои тој едвај ги преживува и сè уште успева да ги кроти, да не им дозволи да се разлеат во него, та да го разнебитат.    

Невремињата во светот и невремињата во човекот Пламен ги класификува во две главни групи, кои е можеби попрецизно да се наречат крајности. Во едната ги сместува жешките, огнените и сушните, а во другата мразните, поројните, ветровитите и поплавните. Кога е збор за невремињата во човекот, тој ги изделува како доминантни насилството и манипулативноста, а со оглед на тежеста и проблематичноста на нивното надминување.

Прочитај и за ... >>  СРЦЕВИНИ НА САМОТНИ СОПАТНИЦИ, роман

Состојбите со невремињата во Македонија Пламен ги оценува како мошне загрижувачки, дури во сè поголема мера драматични. Соседски силници во минатото навалувале на нејзината територијална целовитост и со поддршка на свои тутори, кои секогаш прават сè за сопствени нескриени геостратешки цели, во голема мера успеале да ја распарчат. Но, тоа никогаш не ги задоволувало, па продолжуваат да навалуваат денес со веќе добро познати, „стари“  и предизвикување нови невремиња.

Тој има рационален и недвојбен одговор зошто го прават тоа: Македонија отсекогаш била и е центар на светот, а македонскиот народ е автохтон и единствен од искони. Сега со сета силина, гнев и омраза навалиле со невремиња, проценувајќи дека се на чекор од конечно разнебитување, освојување и делба на пленот. Впрочем, како што е тоа сторено со многу други уништени древни цивилизации во човечката историја.

Во овој момент за Пламен е најважно како да се преживеат невремињава од кои најголемиот број очигледно се несовладливи; колку може да се зауздаат, да им се одземе од силата. Притоа, последиците од нив да бидат што е можно помали. Тој има решение и е решен да го спроведе во дело. Се разбира не сам, туку со што е можно поголем број истомисленици, соборци, подготвени на жртви и саможртва, имајќи ја предвид предвидливата долготрајност: поттик, организирање и втемелување на движење за одбрана на најсилниот бедем на опстанокот и постоењето на македонскиот народ-македонството. Против невремиња со свое време и светлина.