Потребно време за читање: 3 минути

84. Пламенов внатрешен монолог

Пламен знае за терапевтската моќ на внатрешниот монолог, за него како лек за душата. Не само дека тој овозможува подобро и продлабочено размислување, градење личен став и донесување одлуки, туку е неопходен во градењето на свеста и своето јас. Се согласува и со ставот дека разговорот со себеси во самотија е нужност во градењето на човечноста, а човекот без самотија просто не е човек. Но, само доколку самотијата е без осаменост.

И тој често внатрешниот монолог го споредува со молитвата како ментална хигиена. Особено како поттик за самоспознавање на суштественото во човечкото постоење-одговорите на прашањата кој сум, што сум, кај сум денес, дали сум или не сум. Меѓутоа, сè почесто и повеќе си признава на себеси дека во последно време тој му се сведува на самообвинување, лична немоќ, признание на вина, пораз и пропаст на самотното сопатништво со неговата Бисера. Веќе не негова!

„Љубовта исчезна…Се докажа дека е тоа можно меѓу самотни сопатници во животот…Како срцевина…

Семејството се растури…Секој на своја страна…Нормално, очекувано, веќе стана вообичаено…Особено кога се самотни сопатници стожери…Без оглед на времето, годините на опстанување…

Бизнисот пропадна…Пак…Не може бизнис чист, со чесност, без плаќање „помош“ на партија на власт во целосно политизирано општество…Ми требаше повторно пропаѓање за да ми се докаже дека во партократија, во држава на мафија не може без партијност. Квазинезависност…Општеството се деградира однатре сè до обезвреднување и обесмислување на животот…Сè до самоуништување…

Прочитај и за ... >>  СРЦЕВИНИ НА САМОТНИ СОПАТНИЦИ, роман

Државата исчезна…Се докажа дека е тоа неминовно меѓу самотни и осамени луѓе, народи, малцинства…

Знаев за Бисера, знаев што следно ќе се случи. Неволно прифати пак да се собереме околу нашето домашно огниште. Не прифати. Не може тоа сосила…Премолчено ми докажа дека всушност не сака затоа што во меѓувреме љубовта во неа исчезнала…Се согласувам. Таа исчезна меѓу нас. Моја заблуда?! Зошто заблуда? Далечината разделува…Може до конечно меѓусебно исчезнување. Ако е нешто заблуда, моја, нејзина, заедничка, тоа е дека меѓу двајца самотни сопатници просто не може да опстане ниедна срцевина како дел од смислата на идентитетското постоење…

Нејзината последна SMS порака:

„Не, сè уште не сум почнала со средување на документите за конечно враќање во татковината, исполнување на преостанатите прифатени обврски во компанијата и завршувањето на моите приватни работни и животни ангажмани.

Размислувам и сè уште сум на два ума во врска со договорениот нов семеен почеток. Без оглед што веќе одлучивме. Всушност, јас бев и сум против. Бев и сум децидна дека нашето повторно собирање и останување во Скопје нема никаква смисла, а камо ли блиска светла перспектива. За никого!

Прочитај и за ... >>  СРЦЕВИНИ НА САМОТНИ СОПАТНИЦИ, роман

Твојот бизнис е однапред осуден на пропаст. Незамислив е опстанок на независна градежна компанија меѓу градежна мафија и криминални партии.

Ми треба време за да решам што и како јас натаму, кои да бидат моите наредни чекори. Објасни им го тоа на Ѕвездана и Апостол. Знаеш и можеш. Најди причини, измисли оправдување за моето нејавување преку Viber или со SMS пораки во наредниот период. Можеш и да ме обвиниш за нерешителност, нестабилност…за што било. Тие се големи, созреани. Ќе разберат…Можеш да им кажеш и дека во меѓувреме нашата љубов исчезна…ако стварно го мислиш тоа…

Толку од мене. Поздрав до сите“.

Во право е за Ѕвездана и Апостол. Созреаја, се оформија како личности, видни. Тргнаа по свои патишта. Ѕвездана заживеа во неформален брак со Благоја Сретеноски, виолинист, и цела година, без престан заедно гостуваат како пијанистичко-виолинска двојка низ целиот свет. Ми се јавува одвреме-навреме со SMS пораки, ретко преку Viber, да ми се пофали за успешен концерт, настап на некоја светска сцена, за пофалните критики. Се разбира, и да праша како сум, како со здравјето, што се случува со мене, дали е дома сè в ред. Веќе нема дома, но не ѝ кажувам.

Прочитај и за ... >>  СРЦЕВИНИ НА САМОТНИ СОПАТНИЦИ, роман, 81

Апостол е во Амстердам, во Холандија. Работи во софтверска компанија. И тој ми се јавува одвреме-навреме. Ме убедува дека му оди добро. Веќе се адаптирал на тамошниот систем, добил и холандско државјанство…Наскоро ќе се ожени со некоја Холанѓанка. Ми испрати нејзина фотографија. Многу е убава. Ми порача скоро да очекувам покана за свадба таму.

Не знам каде е Славка, ама не се грижам за неа. Таа е силна жена. Сигурно се снашла. Можеби се вдомила негде или нашла работа по струка. Ми беше мошне комплицирано да ѝ објаснам дека морам натаму сам…

Ништо од „Перспектива“, од градежната компанија. Признавам, уште еден мој бизнисменски пораз. По оној семејниот, дамнешниот…Ме изневери Андреј Воденски. Бараше да се „врземе“ за партија зашто не можеме самостојно и независно. Нормално, одбив. Се разделивме, без расправија, а фирмата ја затворивме…Многу ми е жал…Ништо од карпестата и паметната куќа за синергичка живеачка…

Светлана Адамова? Што таа? Што со неа? Помислував дека можеби можеме да продолжиме заедно. Дури се понадевав. Но…Никаква согласност, меѓусебно разбирање, споделување, одбивна интимност…Бевме блиски? Ма не!

Граѓанско општество во држава на мафија?! Будалаштина! Скоро ќе нема сегашност и иднина за Македонија. Само нејзино славно, неизбришливо минато“.