Потребно време за читање: 2 минути

71. Глумење

Бисера ја збунува помислата дека ова може да биде или е последна ноќ со нејзиниот Пламен. Ѝ се наметнува, навалува таа збунетост, просто ја обзема, а не може да си одговори зошто. Дали е ова еден од клучните моменти, еден од врвовите на нивното самотно сопатништво? Од оние најнепосакуваните што обично се нарекуваат оддалечување еден од друг, меѓусебно отуѓување, една од животните разделби кои неминовно доведуваат до конечна? Срцевини за најпосле без срцевина?

Од каде таква помисла, дури замисла? Што ја предизвикува? Заеднички донесената одлука да се вратат на „стариот колосек“, да ја продолжат семејната живеачка во Скопје, во Македонија, во нивното домашно огниште? Да, заедничка одлука, тоа значи и нејзина, без оглед што лично не се согласи, не се согласува. Не ѝ е прифатливо, спротивно е на нејзините не само кариерни амбиции и планови, но тоа е тоа. Прифати. Но, како е можно да не се радува дека наскоро пак ќе биде со своите најблиски, со нејзиниот Пламен, со Ѕвездана, Апостол, Славка, со нејзините и нивните ближни, со стари пријателки и пријатели, колешки и колеги? Што ѝ е?!

Прочитај и за ... >>  СРЦЕВИНИ НА САМОТНИ СОПАТНИЦИ, роман, 83

Претполноќни часови на последна заедничка ноќ на Бисера и Пламен, во спалната, во нивното љубовно гнездо, пред нејзиното последно враќање во Монтреал и скорашно конечно збогување со него. Љубов и секс? Па нормално. Зошто не нормално?! Има некој проблем?!

Пламен го припива своето голо тело до нејзиното. Ја гушка, ја милува, ја бакнува. Возбуден е, напнат. Бара да му го земе пенисот в раце, а тој ѝ го допира меѓуножјето. Средниот прст на левата рака ѝ го пика во вагината, си поигрува со нејзиниот клиторис. Одвреме-навреме како случајно ѝ го допира анусот, иако не ни помислува на анален секс. Никогаш не ни пробале…

Бисера возвраќа на сè. Но…Зошто не може да се концентрира на сексуалната предигра?! Зошто не успева целосно да ѝ се препушти?! Зошто не го забрзува конечно да продре, да продира во неа сè до страстен оргазам што го доживувала како со никој друг?! Па таа глуми!

Бисера глуми љубовна игра, сексуална предигра и е подготвена да одглуми оргазам! Не го правела тоа досега? Се разбира, како секој друг, но многу ретко. Тоа никогаш не го криела од него, а тој секогаш имал разбирање. Секому му се случува, ненадејно, со каков било повод или без никаков. Впрочем за сè, буквално за сè има целосна доверба во неа…Овојпат е подготвена да го стори и тоа. Да го излаже ако ја праша!

Прочитај и за ... >>  СРЦЕВИНИ НА САМОТНИ СОПАТНИЦИ, роман

Бисера глуми! Глуми нечесно! Зошто? Само затоа што е ова уште една нивна ноќ пред разделба. Последна?

Пламен ја гушна, ја бакна, се сврте на своја страна, малку се оддалечи од неа и брзо заспа. Бисера не можеше да склопи очи до пред зори.